Банките годинава планираат најмногу станбени и кредити за мали и средни компании

63

Банките очекуваат дека оваа година најмногу ќе се зголеми кредитната поддршка за малите и средни претпријатија, како и кредитирањето за станбен простор. Притоа, тие не очекуваат позначителни промени во структурата на изворите на финансирање на нивните активности-односно доминантен извор ќе останат депозитите. Се планираат позитивни придвижувања во однос на финтек-активностите. Ова го покажуваат неодамна објавените резултати од Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците во 2020 година, спроведена во текот на првиот квартал од годината. Истовремено, резултатите од оваа Анкета, покажуваат дека според очекувањата на банките, нивото на изложеност на оперативен ризик во нивното работење, нема да се зголеми.

Според одговорите на групата прашања поврзани со динамиката и квалитетот на кредитите, покрај тоа што се очекува најмногу да се зголеми кредитната поддршка на малите и средни претпријатија и кредитирањето за станбен простор, повеќе од две третини од банките очекуваат зголемување и финансирањето на проекти и на кредитите за деловен простор. Најмногу од банките се изјасниле дека ќе има помал раст на потрошувачките кредити и дека очекуваат влошување на квалитетот на потрошувачките кредити кои се необезбедени.

Според резултатите од Анкетата, банките, генерално за оваа година очекуваат подобрување на профитабилноста, којашто е исто така е значаен извор на капитал и поддршка на кредитната активност. Притоа, забележливо е дека е зголемен бројот на банките кои укажуваат на поголемо значење на приходите од провизии поврзани со продажба на полиси за осигурување. Сепак, од резултатите се забележуваат и влошени очекувања на некои од банките поврзани со раст на оперативните трошоци, но и повисоки трошоци за исправка на вредност за нивното кредитно портфолио.

Гледано низ призмата на одделните ризици во работењето на банките, особено е значајно што според нивните очекувања изразени во анкетата, нивото на изложеност на оперативен ризик е слично како во изминатиот период пред 2020 година, односно дека нема да се зголеми. Ваквото очекување се темели и на зајакнатата регулатива донесена од Народната банка во изминатиот период, вклучително и во однос на безбедноста на дигиталниот простор и на податоците, ИТ-инфраструктурата итн.

Сигнал дека се планираат позитивни придвижувања во однос на финтек-активностите на банките е и тоа што во резултатите се забележува речиси двојно зголемен број банки кои планираат да воспостават соработка  или веќе имаат соработка со финтек-компанија, во споредба со минатогодишната анкета. Меѓу банките коишто во некоја форма соработуваат со финтек-компаниите, привлекувањето нови клиенти е најзначајниот мотив за соработката, а потоа и задржувањето на постојните клиенти, рационализацијата на трошоците, намалувањето на конкурентскиот притисок и следењето на пазарните трендови. Според одговорите, дел од банките сметаат дека финтек-активностите би овозможиле намалување на трошоците во работењето со правните и физичките лица, како и во платниот промет.

Најголем број од банките сметаат дека е потребна натамошна консолидација на банкарскиот систем, а нивото на конкуренција системот го оценуваат како високо, што секако е продуктивно во насока на натамошно унапредување на нивните производи и услуги.

Инаку, Анкетата за согледувањата на банките за деловните активности и ризиците, Народната банка ја спроведува еднаш годишно, кон крајот на првиот квартал од годината и ги одразува оцените и очекувањата на банките за натамошниот период од годината.

Фото: Freepik