Банките и фармацевтите остануваат „безопасна зона“ за инвеститорите – еве кои акции се најбарани

Акциите на Комерцијална Банка, Македонски Телеком, Алкалоид, НЛБ Банка и Макпетрол се петте најтргувани хартии од вредност на официјалниот пазар на Македонска берза во мај, покажува Месечниот статистички билтен на Македонска берза.

Во центарот на вниманието на инвеститорите се најдоа акциите на Комерцијална банка Скопје, кои остварија убедливо најголем промет од 131 милиони денари (2,1 милиони евра), што претставува речиси 47% од вкупното учество во прометот на официјалниот пазар. Просечната цена по која се тргуваше оваа акција изнесуваше 26.846,99 денари, а остварени се 526 трансакции.

Покрај банкарскиот гигант, во првите пет најтргувани акции се издвоија и:

  • Македонски Телеком Скопје: Со реализиран промет од близу 43 милиони денари (696.341 илјади евра) со 188 трансакции и просечна цена по која се тргуваше оваа акција од 500 денари.

  • Алкалоид Скопје: Фармацевтскиот лидер оствари промет од 30 милиони денари (486. 981 евра) со просечна цена од 25.247,38 денари по акција.

  • НЛБ Банка Скопје: Акциите на оваа банка беа предмет на тргување во вредност од 24,7 милиони денари (401.817 евра), а акциите се тргуваа со просечна цена од 57.651,76 денари.

  • Макпетрол Скопје: Енергетската компанија ја заокружува првата петорка со промет од 14,1 милиони денари (228.555 евра) и просечна цена од 112.805,58 денари.

    Во втората половина на листата на десетте најтргувани хартии од вредност се најдоа акции од фармацевтскиот, градежниот и банкарскиот сектор.

    На шестата позиција се најде Стопанска банка Скопје со промет од 7,5 милиони денари, по што следува градежната компанија Гранит Скопје со реализирани 5,4 милиони денари. Помеѓу најтргуваните се најдоа и акциите на цементарницата ТИТАН УСЈЕ Скопје (5,1 милион денари), УНИ Банка Скопје со промет од 3,4 милиони денари и Реплек Скопје, чии акции остварија промет од 3.091.391 денари.

    В.Ѓ.