Банкротираше градот Детроит

20

detroitДетроит, колевката на американската автомобилска индустрија и некогаш четврти град по големина во САД, поднесе барање за банкрот. Со тоа некогашниот град на економски просперитет стана најголем град во американската историја што банкротирал, јавува New York Times.

Одлуката до судот да се поднесе т.н. Поглавје 9 кое се однесува на официјално барање за банкрот ја одобрија кризниот менаџер Кевин Oр и гувернерот Рик Снајдер.

“Фискалната реалност која му се закануваше на Детроит предолго се игнорираше. На оваа тешка одлука се одлучив за жителите на Детроит и понатаму да имаат основни услуги што ги заслужуваат и да можеме да започнеме со опоравување на градот на вистински финансиски темели кои ќе му овозможат да се развива и напредува во иднина. Ова е тежок чекор, но и единствен можен избор за да се соочиме со проблемот кој се создава веќе 60 години”, изјави гувернерот Снајдер.

Со доаѓањето на автомобилската индустрија, градот остварува огромна стапка на ширење во првата половина на 20 – от век. Индустрискиот процут е запрен пред неколку декади и од тогаш градот бележи поразни статистики. Во последните 60 години бројот на жители се намали за 1,1 милиони и денеска изнесува само 700.000. Денешната слика за Детроит се напуштени куќи, улици, па дури и цели маала, што жителите ги оставиле во потрага по подобар живот.