Банкротираше корејски производител на автомобили

144

SsangYong Motor, со седиште во Јужна Кореја, којашто е во 75% сопственост на индискиот конгломерат Mahindra & Mahindra, прогласи банкрот откако пропушти рок на отплата на заемот од 54,5 милиони долари. Компанијата соопшти дека тоа се случило поради “влошување на деловните услови“ и затоа што не може да се договори со доверителите за продолжување на рокот на отплата.

Јужнокорејската компанија побара привремена заштита од доверителите со обврска за преструктуирање во следните три месеци. Mahindra & Mahindra ќе ја преземе главната одговорност во тој период како најголем акционер и активно ќе соработува со SsangYong Motor со цел да се нормализира состојбата во компанијата со склучување договори со засегнатите страни, изјави портпаролот на SsangYong Motor.

SsangYong Motor, која е основана 1954 година, последните две децении имаше тешкотии во работењето како резултат на растот на Kia и Hyundai на глобалната сцена, иако имаше одреден успех со моделите на SUV во Европа во текот на 90-те години на минатиот век. Овој производител никогаш не успеал да се етаблира на американскиот пазар.

Mahindra стана нејзин мнозински сопственик пред десет години, по претходното прогласување на банкрот, но SsangYong Motor немаше многу успех и после тоа. Според непотврдени информации, Mahindra е во потрага по купувач за SsangYong.

Фото: Facebook