Барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата ќе се разгледа на првиот ЕСС

Барањата на синдикатите за зголемување на минималната плата и изнаоѓањето решение со коморите, трговците, увозниците и производителите на храна за стабилизирање на цените ќе бидат приоритетите на новиот министер за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што информира тој на денешната прва прес-конференција по неговото назначување, ќе се залага за отворен дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС) и уште на првиот состанок на ЕСС под негово претседавање ќе се разгледа барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра уште во првите 100 дена од формирањето на новата влада.

-Ќе започнеме дијалог за сите отворени прашања и од страна на синдикатите и од страна на работодавачите уште на првиот состанок на ЕСС со кој сега јас ќе претседавам. Мора да ги имаме во предвид интересите на работниците, но и интересите на бизнис секторот, рече Дурмиши.

Нагласи дека ќе продолжи процесот на изработка на новиот закон за работни односи и на законот за безбедност и здравје при работа, кои, додаде, ќе бидат во насока на унапредување на правата на работниците.

Порача дека заедно со коморите и стопанствениците ќе ја разгледаат листата од 1.600 производи за Законот за нефер трговски практики која е веќе објавена во Службен весник, а се очекува законот од септември да профункционира и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

-Ќе се сретнам со коморите и произведувачите на храна за на некој начин да успееме да ја намалиме цената на храната во интерес на граѓаните. Со нив ќе разговарам за да ги видиме сите можности што ни се на располагање за евентуални промени во листата на производи, посочи Дурмиши.