Барање на 15 земји членки на ЕУ: Потребна е стратегија за борба против лажните вести за 5G

26

Вкупно 15 земји членки на Европска Унија (ЕУ) побараа од Европска комисија (ЕК) веднаш да направи стратегија за борба против дезинформациите за телекомуникациската 5G мрежа, предупредувајќи дека ЕУ би можела да ги пропушти правно обврзувачките рокови за поставување на нова инфраструктура.

Писмото до ЕК е потпишано од Австрија, Бугарија, Грција, Кипар, Естонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Полска, Португалија, Словачка, Финска, Хрватска, Чешка и од Шведска.

Тие иницираат одговори на големиот број на теории на заговор во Европа, што доведе до подметнување на пожар во телекомуникациските кули. Од јануари до јуни на Стариот континент се пријавени 140 напади поврзани со 5G мрежата од кои најголемиот број се регистрирани во Велика Британија и во Холандија.

“Сведоци сме на зголемена активност на движењата против 5G мрежата ширум ЕУ. Сакаме да нагласиме дека вандализмот над телекомуникациската инфраструктура и ескалирачките дезинформации за електромагнетните полиња и 5G не се само закана за економијата на погодените земји членки, туку, исто така, оневозможуваат ЕУ да ги исполни своите амбициозни цели во поглед на 5G“, се истакнува во писмото што е испратено до потпретседателките на ЕК, Маргарет Вестегар и Вера Јурукова и до комесарот за внатрешен пазар, Тери Бретон.

Според уредба од 2018 година, ЕУ вети дека ќе го зголеми развивањето на 5G мрежата, така што пред крај на 2020 година ќе обезбеди достапност на 5G радио – спектар.

Фото: Freepik