Германската хемиска групација БАСФ потпиша долгорочен договор за увоз на американски течен природен гас (ТПГ), последен во серијата зделки што ги постигнаа германските компании откако беа принудени да најдат замена за рускиот гас.
Според договорот, BASF ќе купува 800.000 тони TPG годишно од Cheniere Energy, најголемиот американски производител на овој вид гориво, од средината на 2026 до 2043 година, пренесува Financial Times.
„Со воспоставување на сопствен синџир за снабдување со гас со Cheniere, ние го диверзифицираме нашето портфолио на енергија и суровини во време на критични промени на европскиот пазар на гас. Овој договор ќе обезбеди сигурно снабдување со природен гас под конкурентни услови“, соопшти германската компанија.
Германската компанија затвори неколку свои фабрики претходно оваа година поради високите трошоци за енергија и најави дека ќе инвестира надвор од Европа, што ја зголеми загриженоста за деиндустријализацијата на Стариот континент. Аналитичарите оценуваат дека овие стравувања биле претерани и дека станува збор за реорганизација, а не за деиндустријализација.
Германија, како најголема европска економија, која со децении градеше индустриски сектор кој се потпираше на евтин руски гас, беше особено ранлива на намалувањето и прекинот на испораките од Русија. Борбата да се најде замена за рускиот гас доведе до тоа Германија да започне со увоз на ТПГ кон крајот на минатата година.