БДП остро паѓа додека температурите растат – најбогатите држави може да изгубат трилиони долари

46

Доколку не реагираат брзо и соодветно, економиите на најбогатите држави ќе бидат двојно намалени во споредба со кризата која ја претрпија поради коронавирусот, пренесува Gurdian повикувајќи се на најново истражување на Oxfam и швајцарскиот институт Swiss Re.
Во истражувањето се наведува дека седумте индустриски најразвиени земји (Г7) ќе губат 8,5 % од БДП годишно во наредните 30 години, со што нивните економии ќе изгубат пет трилиони долари во овој период, доколку температурите продолжат да растат за 2,6 степени Целзиусови. Економиите на овие земји претрпеа просечен пад од 4,2 % за време на ковид пандемијата.

Лидерите од групата Г7 која ја сочинуваат САД, Велика Британија, Јапонија, Канада, Франција, Германија и Италија, в петок ќе се состанат во Корнвол, Англија, за да разговараат за глобалната економија, вакцините против Ковид-19 и за климатската криза.

“Климатските промени се долгоречен ризик број еден за глобалната економија, така што не претставува опција да останеме таму каде што сме. Потребен е поголем напредок за Г7, што значи дека сме обврзани да ги намалиме емисиите на штетни гасови од фосилните горива, но и да помогнеме на другите земји да го сторат истото“, објаснува Џером Хегели, главен економист на групацијата Swiss Re.

Тој додаде дека вакцините против Ковид-19 се исто така клучен начин да се помогне на земјите во развој, чии економии се тешко погодени од пандемијата, со што тие ќе бидат изведени на “зелениот пат“ наместо да продолжат да ги користат фосилните горива.

Фото: Pixabay