Иноваторот Мирослав Чечавац, сопственик на компанијата Mis Plastic од Хрватска, патентираше интересно решение за безгрижно уживање на плажите и базените. Станува збор за иновативен држач за чадор за сонце под името Beachbox, пишува порталот Иноваторство.
За да може да го реши проблемот на се позачестените кражби на плажите и базените, но и проблемот со отпадот, особено со отпушоците од цигари, на држачот на чадорот за сонце му дал неколку нови примени. Beachbox содржи безбедносен сеф, место за чаша или шише, пепелик, канта за отпадоци и сигурносна брава со клуч и нараквица.
Идејата дошла сосема случајно кога локалните власти од еден град го ангажирале да направи пепелник за на плажа.
“На крајот не го направивме тој пепелник, туку нарачката ме поттикна на држачот на чадорот, што веќе е составен дел на плажата и базените, да додадеме пепелник, а потоа и останатите компоненти. Многу сум горд на овој наш производ бидејќи внимававме на секој детал, а скоро целиот држач е рачно изработен. Со колегите користевме квалитетни материјали, внимававме на дизајнот и естетиката. Обликот не дозволува повреди, а целиот чадор за сонце може да се стави на дното на држачот, што е попрактично од досегашните држачи. Обрнавме внимание и на транспортот и складирањето, па држачот доаѓа во практично пакување“, вели Чечавац.
Неговата иновација е веќе комерцијализирана, првите 300 парчиња ги купиле сопствениците на тамошни хотели, вили и концесионери на лежалки на плажи, а наскоро се очекува и извоз.
“Веќе следната година планираме неколку илјади пратки за францускиот пазар. Откако во април се претставивме на саемот во Женева, голем број европски компании покажаа интерес за нашиот производ. Со нив сега сме во преговори, па се надеваме на поголем извоз“, вели тој.