БЕГ: Продолжена акцијата за бесплатно приклучување кон топлинската мрежа

41

beg

За да излезе во пресрет на големиот број барања на заинтересирани граѓани, компанијата Снабдување со топлина Балкан Енерџи, го продолжи рокот за пријавување за бесплатно приклучување на системот за топлинска енергија, којшто со новата одлука ќе трае до 30-ти септември, стои во соопштението.

За првите 15 дена од почетокот на акцијата, поднесени се вкупно 471 барања за повторно приклучување во системот за топлинска енергија. Дополнително, во изминатиот период голем број заинтересирани граѓани се обратија во наплатните пунктови на БЕГ за да ги добијат неопходните информации за начинот како можат да ја искористат оваа поволност, а регистрирани се и над 600 јавувања во Центарот за грижа на потрошувачи на телефонскиот број 02/3076-200.

Акцијата се одвива по принципот прв пријавен, прв услужен и се однесува само на објектите кои имаат техничка можност да бидат приклучени во системот за топлинска енергија во Скопје.

Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, цената на топлинската енергија за домаќинствата се намали за 10,93%, на што претходеше и одлуката на компанијата за продолжено греење во вечерниот период за најмалку еден час, што се дополнителни придобивки за потрошувачите. Освен домаќинствата, акцијата за бесплатно приклучување во системот за греење до 30-ти септември важи и за правните лица, кои исто така добија значително намалување на цената на парното греење.