Бејби Мултипрактик е мултифункционален производ што во голема мера им го олеснува секојдневието на родителите и измамува насмевки кај дечињата. За почетоците, патот до реализацијата, задоволството на корисниците и за тоа како една идеја може да стане реалност кога ќе се комбинира со вистинските луѓе зборувавме со креаторката што стои зад решението, Ива Кузмановска.
БИ: Имате уникатен производ, што решава низа потреби, кажете ми точно за што станува збор.
Идејата дојде кога станав тетка, односно мојата сестра имаше потреба од навлака за седиште за во автомобил. Подоцна, кога и јас станав мајка, увидов колку е важна практичноста на производите што ги користиме за полесно и поедноставно чување на нашите најмали, па на навлаката за седиште додадов уште неколку додатоци и така настана мултинаменското ќебенце “Бејби Мултипрактик 9 во 1“ – производ кој има девет примени: навлака за автомобилско седиште, навлака за релаксатор, количка, транспортер, седиште за хранење, вреќа за спиење, ќебенце со капче, марама за доење и подлога за играње. Поради својата широка употребна вредност, овој производ го наоѓа своето место во секое семејство со мали дечиња и затоа е одличен подарок.
БИ: Од каде дојде идејата за Бејби Мултипрактик и како ги обезбедивте потребните средства за реализирање на истата?
Секако, иницијалната идеја е исклучително важна и претставува почетна точка која го трасира нејзиното натамошно развивање. Сепак, патот од идеја до реализација можеби е и најтежок имајќи ги предвид бројните феноменални иновации на познати и непознати иноватори низ светот кои останале нереализирани поради најразлични фактори. Но, бев цврсто решена мојата идеја да го види светлото на денот, односно сонот да стана реалност. За такво нешто е потребна силна верба, храброст, но и среќа да се “склопат коцките“. Во вистинско време се приклучив кон Програмата “Моја Идеја, Мој Бизнис“ каде што сублиматот од стекнатите знаења на предавањата, споделените искуства и паричната награда, создаде ветер во грб за крупниот чекор кој неминовно следуваше – отворање сопствена фирма и започнување на бизнис.
БИ: Поминаа неколку години откако вашиот производ се појави на пазарот. Како беше прифатен од купувачите?
Секој почеток е тежок, а уште покомплексен е кога станува збор за целосно нов производ каков што претходно воопшто не постоел на пазарот. Оттогаш поминаа две години и од оваа временска дистанца може да се констатира дека успешно ги пребродивме сите пречки од аспект на маркетинг пристапот, концептот на достапност на производот, неговото приближување до таргет групите и останатите технички елементи и детали кои, верувајте, ги има многу. Дека сме на прав пат потврда ни се позитивните реакции на купувачите, нивното задоволство од користењето на Бејби Мултипрактик. Впрочем, тоа е и нашата најголема мотивација да се движиме напред, сликите од нивните најмили во секојдневната примена на производот се инспиративната ѕвезда водилка. Бидејќи нудиме и можност на персонализирање, односно печатење на име на кебенцето, прифатеноста кај корисниците континуирано се зголемува, а со тоа секако и сатисфакцијата кај нашиот тим.
БИ: Со кого соработувавте за да ја направите финалната верзија на производот?
При заокружување на конечната верзија на еден производ, мора да се внимава и на најситните финеси бидејќи не смее да се направи грешка. Оваа фаза е клучна за лансирањето на новиот продукт и затоа исклучително внимававме во изборот на партнерите за соработка. Со оглед на тоа што креиравме помагало чиј краен корисник се бебиња, квалитетот и сигурноста ни беа основна определба. Трикотажа Пелистер од Битола со својата професионалност и искуство во струката навистина многу ни помогна околу одлуките за типот на материјалот, финалниот дизајн и производството на првите количини.
БИ: Дали Бејби Мултипрактик се продава и надвор од нашата земја и каде може да се најде или нарача?
Во дефинирањето на стратегијата за пласирање на производот, се одлучивме за комбиниран модел. Покрај социјалните мрежи како најбрзо растечка платформа за тргување во светот со релативно ниски трошоци, застапени сме и во online продавниците како: www.nama.mk, www.babyshop.mk, но и преку конвенционална продажба во бутик Tilla во Капитол мол, Baby Blu во Сити мол, Крле Врле во Битола…
Веќе извесен период правиме анализа на словенечкиот и хрватскиот пазар каде што исто така постои огромен потенцијал за пробив на нашиот производ и доколку работите се одвиваат според планот, искрено се надеваме дека од есен во Бејби Мултипрактик ќе уживаат и купувачите во овие земји, а тоа на нашата компанија ќе и даде нова, регионална димензија.
БИ: Дали може да очекуваме некој нов производ наскоро?
Ширењето на палетата производи е природен развоен пат на секоја фирма која претендира да биде успешна, постојано да напредува, а не да стагнира. Мултипрактик д.о.о. се фокусира на дизајнирање нови креации за деца и родители, со мултипрактичноста како нивен заеднички именител. Покрај Бејби мултипрактик 9 во 1, нудиме и продолжувач на бебешко боди и вреќа за спиење 2 во 1. Може да откриеме дека во интензивна подготовка се наоѓа и уникатниот дизајн на практична торба која очекуваме дека ќе биде извонредно прифатена од крајните корисници.
БИ: Кој ви помогна за вашате идеја да стане реалност?
Знаете, за да започнете бизнис е потребна идеја, но за да ја остварите идејата е нужен капитал. Овие две компоненти се клучни за успех и една без друга не одат. Бизнис ангелите од ЦЕЕД Клубот на Бизнис ангели, се вклучија во фирмата уште при самото основање. Од круцијално значење беше нивната финансиска поддршка во моментите кога се раѓаше нашиот производ, а уште повеќе драгоцените искуства и совети кои овозможија да зачекориме во светот на бизнисот. Со нивно менторство и асистенција, заеднички го создававме конечниот изглед на Бејби Мултипрактик 9 во 1 и го моделиравме бизнис планот кој на среден и долг рок ќе ја втемели самоодржливоста на фирмата и ќе ја изгради во просперитетна и успешна компанија којашто се изнедрила од една навидум наивна идеја на една горда тетка.