Бензинците и дизелашите во употреба до крајот на 21 век?

47

Забрзаната електрификација на автомобилите е забавена поради кризата предизвикана од војната во Украина, но автомобилските гиганти не се откажуваат од намерата што поскоро да ги заменат класичните автомобили со мотори со внатрешно согорување со електрични. Големите автомобилски компании се тркаат за побрзо да го фокусираат своето производство исклучиво на е-возила, а една изјава ги охрабрува и им дава надеж на љубителите на конвенционалните возила, во смисла дека долго време ќе возат автомобили на бензин и дизел.

„Моторите какви што ги знаеме ќе продолжат да живеат најмалку уште 70 години“, изјави Жан-Доминик Сенар, претседател на одборот на директори на Групацијата Рено, за францускиот весник „Ла Трибјун“.

Сенард смета дека возилата со мотори со внатрешно согорување имаат уште многу години пред себе, особено благодарение на алтернативните горива чија цена ќе падне на едно евро до 1,50 евра за литар во рок од три до четири години. Своето верување го заснова на (не)способноста за еколошка транзиција и роковите дадени на производителите на автомобили да се префрлат на производство на е-возила.

Да потсетиме, на крајот на март годинава, 27 земји-членки на Европската унија потврдија производство на возила со мотори со внатрешно согорување до 2035 година. Овој рок е даден со цел да се намали јаглерод диоксидот (CO2) на глобално ниво, бидејќи автомобилите се означени како едни од најголемите загадувачи (има различни контроверзии дали тоа навистина е така). Во суштина, од таа позната 2035 година ќе биде забрането да се произведуваат возила што користат бензин и дизел, како и хибриди, а сè треба да се сврти во корист на електричните возила.

За Жан Доминик Сенар во оваа фаза не се исполнети условите за комплетна транзиција на 100 проценти електрична енергија при возење.

„Предизвиците кои водат кон преминување кон стопроцентна употреба на е-возилата се многубројни и значајни, пред се технолошки, финансиски, енергетски, но и во однос на набавката на суровини“, посочува претседателот на Рено и додава дека нема да има враќање назад во однос на реализација на целта.

Европа е во неволја поради Кина и нејзините ресурси, ретките метали и минерали клучни за развојот на многу технологии, вклучително и е-возилата.

„Не сум сосема сигурен дека предвидовме геополитички кризи. Поточно, мислам дека воопшто не ги предвидовме“, посочува Сенар за „Ла трибјун“ и додава дека војните во иднината ќе бидат „стоковни војни“ и дека треба да се воспостави „дипломатија на суровини“.

Растот на кинескиот пазар на е-возила
Кинескиот автомобилски пазар, најголемиот во светот, е на пат да достигне речиси 25 милиони возила во продажба оваа година со вкупен раст од околу три проценти, а уделот на електрични возила и опрема рапидно расте. Консултантската компанија AlixPartners предвидува дека ова ќе биде првата година кога брендовите од кинеско производство заземаат 50 отсто од домашниот пазар, пренесува Ројтерс.

Меѓународните производители на автомобили и понатаму се под силен притисок да ги преструктуираат операциите во Кина, а има знаци дека притисокот врз потрошувачките цени се враќа поради недостигот на работна сила и пониските маржи за добавувачите.