Берлускони: Италија може да ја напушти еврозоната

40

Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони изјави дека Италија би била присилена да ја напушти еврозоната доколку Европската централна банка (ЕЦБ) не добие повеќе овластувања и не обезбеди намалување на трошоците за задолжување.

“Ако Германија не прифати дека ЕЦБ мора да биде вистинска централна банка, ако не се намалат каматите, ќе бидеме присилени да го напуштиме еврото и да се вратиме на сопствената валута за да бидеме конкурентни”, изјави Берлускони, пренесуваат италијанските медиуми.

Берлускони и претходно слично зборувал, но подоцна се корегирал. Тој сега веќе се наоѓа во жестока телевизиска кампања во обидот да ја врати популарноста пред престојните избори. Берлускони беше присилен да даде оставка на местото премиер во ноември минатата година.