Берзите од Македонија, Бугарија и Хрватска формираа заедничка компанија

97

berza ilustracija

Берзите од Бугарија, Македонија и Хрватска формираа заедничка компанија со седиште во Македонија, чија цел е создавање на регионална инфраструктура за тргување со хартиите од вредност што котираат на овие берзи.

“Ние веќе извесно време размислуваме како да ја подобриме визибилноста и ефикасноста на нашите пазари, така што овој модел на соработка претставува логично решение. Среќни сме што Европската банка за обнова и развој е подготвена да го поддржи овој проект со средства од донатори наменети за проекти за развој на пазарната инфраструктура. Веруваме дека во наредните неколку недели ќе дојде до потпишување на договорот за грант и блиску сме до постигнување на конечен договор”, изјави Ивана Гажиќ, претседател на Управниот одбор на Загрепската берза.

Иван Штериев, главен извршен директор на Македонската берза истакна дека оваа соработка ќе им овозможи на инвеститорите поедноставен пристап на овие пазари и изрази надеж дека во иднина и другите берзи од регионот ќе се приклучат кон проектот.

“Привлекување на интересот на инвеститорите од регионот е нешто кон што се стремиме и ние. Едноставноста, ефикасноста и инволвираноста на сите страни е гарант на успехот на овој проект”, заклучи Иван Такев, извршниот директор на Бугарската берза.

Следниот чекор во реализацијата на овој проект е да се создаде техничко решение за пренасочување на налозите за тргување што се планира за наредната година.