Бесими: ЕБОР продолжува со силната поддршка за реализација на капиталните инвестиции

60

Капиталните инвестиции се еден од најзначајните приоритети на Владата и тие во буџетот за 2023 година се планирани на ниво од 790 милиони евра. Во реализацијата на овој приоритет Владата добива значајна поддршка од меѓународните финансиски институции. Меѓу најголемите поддржувачи на значајни крупни проекти за инфраструктурно поврзување, заштита на животната средина, енергетска независност и слично што ги спроведува земјава е Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Реализацијата на проектите, како и продолжување на соработката помеѓу Владата на РС Македонија и ЕБОР беа тема на денешната средба на министерот за финансии Фатмир Бесими со директорот на ЕБОР за Западен Балкан, Матео Колангели и шефот на Канцеларијата на ЕБОР во РС Македонија, Анди Аранитаси.

„Со Буџетот за 2023 година, планирано е интензивирање на инфраструктурните проекти, енергетската и комуналната инфраструктура. Меѓу приоритетните проекти, а зад чија реализација стои Европската банка за обнова и развој се железничкиот дел од Коридорот 8 кон Бугарија и патниот правец Кичево – Букојчани. Воедно со поддршка на ЕБОР во текот на 2023 ќе започне и имплементацијата на Проектот за управување со цврст отпад за кој што Собранието даде зелено светло и се очекува него потпишување во првата половина од јануари 2023. ЕБОР е најактивна меѓународна финансиска институција во земјава со активно портфолио во јавни инвестиции од над 800 милиони евра, од кои најголемиот дел во транспортниот сектор и тоа од над 500 милиони евра“, рече министерот Бесими.

Во контекст на енергетската криза, тој додаде дека значајни се и проектите за зголемување на домашното производство на електрична енергија и одржување на стабилност во снабдувањето за граѓаните и стопанството. Од тој аспект значаен е проектот за Интерконекторот со Грција за што Владата очекува финансиска поддршка од 16 милиони евра од ЕБОР, со што се затвора финансиската конструкција за овој проект. Досега, за реализација на овој проект обезбедени се средства од Европската инвестициска банка во износ од 25 милиони евра и грант од ВБИФ во износ од 12 милиони евра.

Поддршка, од ЕБОР се очекува и во реализацијата на изградбата на гасоводните делници Свети Николе – Велес и Гостивар – Кичево.

На средбата беше разговарано и за можностите за натамошна поддршка на ЕБОР на приватниот сектор преку поволни кредитни линии преку домашните деловни банки со посебен акцент на кредитни линии кои би овозможиле пристап на средства како за стопанството така и за домаќинствата во насока на зголемеување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за електрична енергија .

Министерот Бесими изрази благодарност за поддршката на ЕБОР во подготовката и имплементацијата на приоритетните проекти, како и за поддршката во напорите што нашата земја ги вложува за спроведување на реформите кои значат приближување на нашата земја до ЕУ.

Поддршката на ЕБОР во земјава е присутна од 1993 година и досега е вклучена во 167 проекти.