Бесими ги започна активностите во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ

11

Министерот за финансии Фатмир Бесими ги започна активностите во рамки на Есенските годишни средби на ММФ и СБ, кои и овојпат поради пандемијата од Ковид 19 се организираат онлајн.  Министерот заедно со претставници од МФ oдржаа средба со претставници на Одделот од ММФ за фискални прашања – ФАД. На средбата беше потенцирана техничката поддршка што МФ ја добива и напорите што ги спроведува за клучните реформи за управување со јавни финансии.

-ФАД е еден од нашите најактивни и највредни партнери и даватели на експертиза во клучните реформи за управување со јавните финансии и досега има обезбедено техничка помош во различни области на управување со јавните финансии, истакна министерот Бесими на состанокот.

Техничката поддршка е значајна и таа е во насока на подобро планирање, подобрување на презентацијата на буџетот, буџетирање на проекти, дизајнирање индикатори, како и за воспоставување систем за постојано преиспитување на трошоците.

Процесот на изготвување на новата програма за управување со јавните финансии започна во септември 2021 година и треба да заврши до крајот на декември 2021 година.

Активностите на кои ќе се даде приоритет во наредниот период, а за кои ќе се добие техничка поддршка се во областа на имплементација на фискалните правила и Фискалниот совет од новиот Закон за буџети, зајакнување на управување со јавните инвестиции во МФ, зајакнување на капацитетот за планирање на ликвидноста, зајакнување на капацитетите за мониторинг на МФ во управување со фискални ризици кои се поврзани со јавните претпријатија, претпријатија во државна сопственост, како и јавно-приватните партнерство, и контрола на трошењата.

Еден од врвните приоритетни проекти за МФ е и имплементацијата на ИФМИС системот со поддршка од Светска банка и ЕУ. ИФМИС е Интегриран информациски систем за управување со финансии кој ќе обезбеди интегрирано следење на приходите и расходи од нивно планирање до целосна реализација со што ќе влијае на подобро буџетирање и реализација.

Тема на средбата беа и реформата за фискална децентрализација, како и Планот за финансирање на економско заздравување и забрзување на растот 2022-2026 година, кој е насочен кон забрзување на растот и постигнување просечни стапки на раст над 5 проценти, фискална консолидација и зголемување на инвестициите.

-Владата на РСМ е посветена на напредок во спроведувањето на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан, со цел да обезбеди поддршка за поттикнување на долгорочно закрепнување и поддршка на реформите, за поттикнување на економското закрепнување и конвергенција, како и регионална интеграција, во регионот и со Европската унија, беше истакнато на состанокот.

Во рамки на Годишните средби на ММФ и СБ министерот за финансии Фатмир Бесими, кој со гувернерката на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска ја предводат делегацијата на РСМ, ќе одржи повеќе состаноци со високи претставници на овие институции.