Ние од денеска сме сведоци дека ЕУ станува реалност и секој ден сме поблиску до ЕУ семејството. Денеска започнуваме еден проект кој е директно поврзан со поддршката од ЕУ, со европски грант од програмата за Западен Балкан. Ова се проекти кои ќе овозможат да се поврземе со соседни земји, од една страна со Бугарија и од друга со Албанија, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими во своето обраќање на прес-конференција по повод потпишување на договорите за изградба на првата и втората фаза од проектот за железничко поврзување со Република Бугарија на Коридор 8 и рехабилитација на дел од пруга на Коридор 10.
„Развојот на нашата земја поврзано со инфраструктурата долж Коридорот 8 и Коридорот 10, како главни инфраструктурни проекти што ја прават нашата земја крстосница на овие европски коридори. Тоа значи поголем бруто домашен производ, подобра иднина, поголем развој на туризам и поквалитетен живот и помалку загадување”, потенцира Бесими.
Со ова, како што додава Бесими, се потврдува дека делот од јавниот долг што се финансира преку кредити, како што се поволните кредити од ЕБОР и грантот од ЕУ, „ни дава можност да реализираме вакви значајни проекти кои не само економски туку и политички се исклучително важни во овој период”.
Министерот Бесими, притоа нагласи дека со ребалансот на Буџетот се предвидени 520 милиони евра за капитални расходи, што е 11 проценти од вкупните расходи во Буџетот.
„Ова е историски највисоко ниво како структура на расходната страна на Буџетот, но и во номинален износ историски е највисок, во период кога од 2020 година навака се соочуваме со последователни кризи. И сега во ек на енергетска криза и инфлација продолжуваме со реализација на овие проекти”, вели Бесими.