Бесими: Значајна поддршка од УНДП за проекти за зелена транзиција

58

Зелената агенда, унапредувањето на процесот на децентрализација и сузбивањето на сивата економија, беа главните теми за коишто се дискутираше на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и постојниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Во делот на зелената агенда, значајно е што РС Македонија е во групата од 9 земји на глобално ниво кои ќе добијат поддршка од Фондот за цели за одржлив развој (SDG фонд) за проектот „Инструмент за финансирање зелени проекти за подобрување на квалитетот на воздухот и борба со климатските промени”. Целта на овој проект е полесен пристап до средства за проекти за обновлива енергија и енергетска ефикасност за домаќинстватa и за малите и средни претпријатија.

Проектот ќе се имплементира од страна на агенциите при Обединетите нации – УНДП, Меѓународна организација за миграција (IOM) и Економска комисија на ОН за Европа (UNECE) – во партнерство со ЕБРД.

Во делот на сузбивање на неформалната економија, Министерството за финансии започна кампања за подигнување на свеста за значањето од намалување на сивата економија „Внеси боја во сивата економија”.

Притоа, во овој дел во завршна фаза е развојот на индикатори за мониторирање на неформалната економија.

Во делот на унапредување на фискалната децентрализација, заедно со УНДП беа воспоставени два нови фонда – Фонд за изедначување и Фонд за успешност на општините. Целта е зајакнување на фискалниот капацитет на општините.

Минатата година, Министерството за финансии потпиша меморандум за соработка со УНДП, со цел унапредување и поддршка во делот на реформите во управувањето со јавните финансии: фискална децентрализација, даночни политики (трансферни цени, размена на информации за даночни цели) и неформална економија.

На состанокот, министерот Бесими и Григорјан разговараа и за идните активности во делот на овие реформи.