Бесплатен интернет за 30.000 деца за следење онлајн настава

54

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска потпиша договор со директорот на Македонски телеком, Никола Љушев, за донација на мобилен интернет за далечинско учење за 30.000 основци и средношколци од семејства во социјален ризик, кои ќе добијат 10 GB интернет месечно, стои во соопштението.

Како што истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, со овој договор, се овозможува наставата во основните и средните училишта, која денеска е организирана преку учење од дома, да е достапна за сите.

“Имајќи предвид дека има ученици кои немаат интернет пристап за следење на наставата преку далечинско учење, се наметна потребата да им помогнеме. Интернетот ќе биде наменет за овозможување на пристап до платформите за учење, согласно насоките и мерките од Министерството за образование и наука. На овој начин не оставаме ниедно дете. На сите им обезбедуваме интернет за да може да ја следат наставата. Ова се вонредни времиња и потребна е вонредна помош“, рече министерот Манчевски.

Како што рече тој, особена  сега е важна солидарноста на сите чинители во општеството. И особено сега е важна дигиталната трансформација. Зошто само на тој начин е возможно да се испорачуваат сите услуги и сите граѓани да имаат пристап до нив.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, потсети дека наставата во основните и средните училишта продолжи да се организира преку далечинско учење, односно учење од дома и  истата се смета за формална. Тоа значи дека учебната година не е прекината и ќе продолжи да се реализира до целосно завршување во предвидените законски рокови.

“Согласно податоците кои ги добивме од Министерството за труд и социјална политика  вкупно 30.000 ученици кај нас, потекнуваат од социјално загрозени семејства. Денес, на сите нив им го олеснуваме вклучувањето во следењето на наставата преку интернет. Потпишуваме договор со Македонски телеком и на овие ученици ќе им обезбедиме пристап до платформите за учење и успешно завршување на учебната година преку далечинско учење“, рече Адеми.

Според Никола Љушев, главен извршен директор на Македонски телеком, еден од најголемите приоритети во вонредната ситуација е да се обезбеди непречено образование за децата, а соработката на надлежните институции и бизнис секторот е клучна.

“Еден од најголемите приоритети во вонредната ситуација е непречено образование на децата. Ние имаме обврска не само да обезбедиме силна и стабилна интернет врска, туку и да придонесеме кон еднакви услови за учење за сите деца. Инклузијата на ранливите категории во дигиталниот свет е обврска на сите, особено сега, кога единствениот пат по кој се движиме е онлајн“, рече Љушев.

Дистрибуцијата на картичките до  социјално загрозените семејства кои имаат деца во основно и средно училиште ќе ја спроведува  Министерството за труд и социјална политика.

Фото: Pixabay