Бесплатно патување низ Европа: ЕУ доделува 40.000 железнички билети, отворен повикот и за младите од Македонија

ЕУ доделува повеќе од 40.000 билети за воз – право на учество имаат 18-годишниците кои ќе се пријават во следните две недели и ќе положат краток квиз за Европската Унија.

Младите можат да аплицираат за бесплатно патување со воз низ Европа во следните две недели. Европската комисија повторно доделува повеќе од 40.000 билети за млади над 18 години, а право на учество имаат и млади од Македонија.

Овој пат, право да аплицира имаат сите што се родени помеѓу 1 јули 2007 и 30 јуни 2008 година. Услов е и да живеат во една од земјите на Европската Унија или во Лихтенштајн, Северна Македонија, Србија, Норвешка, Турција или Исланд, пренесува ДПА.

Регистрацијата е можна дури и пред 18-тиот роденден, но учесниците мора да бидат полнолетни пред почетокот на патувањето. Младите можат да аплицираат до 22 април напладне преку Европскиот младински портал, поединечно или како група од најмногу пет члена.

По аплицирањето, потребно е да се реши краток квиз за општо знаење за Европската Унија и да се одговори на едно прашање за оценување. Потоа, Европската комисија и Извршната агенција за образование и култура ги разгледуваат сите апликации. Победниците ќе можат бесплатно да патуваат со воз низ ЕУ во периодот од 1 јули 2026 година до 30 септември 2027 година.

Патувањето може да трае до 30 дена, со максимум седум дена поминати во воз. Иницијативата DiscoverEU постои од 2018 година, врз основа на идејата на Винсент-Имануел Хер и Мартин Шпер. Секоја година се организираат два круга на аплицирање. Од почетокот на програмата, според податоците на ЕУ, повеќе од 1,9 милиони млади луѓе аплицирале, додека околу 431.931 од нив добиле билет.