Безос донира 10 милијарди долари за борба против климатските промени

87

Најбогатиот човек на планетата, Џеф Безос од своето богатство ќе одвои 10 милијарди долари што треба да се потрошат за борба против климатските промени, пишува BBC.

Според основачот на Amazon, со тие пари ќе се финансира работа на научници, активисти и невладини организации.

“Сакам да работам заедно со другите луѓе за да ги подобриме познатите начини и да ги истражиме новите начини на борба против разорното влијание на климатските промени“, рече Безос.

Тој го најави таканаречениот Bezos Earth Fund на Instagram, додавајќи дека исплатата на грантовите од овој фонд ќе почнат ова лето.

“Земјата е единственото нешто што ни е заедничко на сите – ајде да ја заштитиме заедно“, порача Безос на Instagram.

Проценките покажуваат дека Безос располага со 130 милијарди долари, па за овој фонд ќе одвои нешто помалку од 8% од своето богатство.

Безос, исто така, ја финансира вселенската програма Blue Origin, којашто беше критикувана поради влијание врз загадувањето.

ВВС забележува дека во споредба со некои други милијардери, Безос е ограничен кога станува збор за филантропијата. Се верува дека неговата најголема донација е две милијарди долари во септември 2018-та година посветена на помош за бездомници и финансирање на училишта. Во јавноста Безос наидува на критики поради тоа што не е дел од оние милијардери кои ветуваат дека во текот на животот ќе се откажат од половина од своето богатство.

Фото: Facebook