Би платиле ли Безос и Маск по пет милијарди долари данок?

30

Американската сенаторка Елизабет Ворен предложи воведување на посебен данок за многу богати домаќинства и поединци во САД.

Според пресметките на Bloomberg, по таа основа од водечките 100 милијардери во државната каса ќе се слеат повеќе од 78 милијарди долари.

Со нацрт законот, познат како даночен закон за ултра милионери, Ворен ги продолжува напорите за реализација на идејата што беше нејзино централно обележје за време на претседателската кампања во 2020 година. Предлогот предвидува годишен данок од 2% за домаќинства и поединци чие нето богатство е меѓу 50 милиони и една милијарда долари, како и данок од 3% на нето вредност од над милијарда долари.

Даночната стапка на нето богатство поголемо од милијарда долари би се зголемила на 6% доколку биде усвоена програмата Здравствена заштита за сите (Medicare for all).

Според анализите на Bloomberg, сопственикот на Amazon и во овој момент најбогат човек на планетата, Џеф Безос, би се соочил со дополнителен данок во износ од најмалку 5,4 милијарди долари за оваа година, доколку биде усвоен законот, додека сопственикот на Теsla, Илон Маск би требало да одвои 5,2 милијарди долари.

За основачот на Microsoft, Бил Гејтс овој закон би го чинел четири милијарди долари, а првиот човек на Facebook, Марк Цукерберг  би платил 2,9 милијарди долари.

Фото: Pexels