Фото: YouTube
Во Тузла, минатата недела беше отворен првиот центар за роботика, во којшто ќе се оспособуваат млади луѓе во областа на програмирање на роботи и нивно пуштање во употреба.
Инвеститор е Босанецот Муамер Бабајиќ, кој е сопственик на германската компанија Masterwerk, што се занимава со дизајн и производство на делови за автомобилска, машинска индустрија и роботика, пишува N1.
Енвер Будаковиќ, млад човек од Босна и Херцеговина, повеќе од две години живее во Германија и работи во Masterwerk на програмирање на роботи, ќе биде дел од овој центар за роботика. Своето знаење и искуство сега ќе го пренесува на младите колеги од Тузла во областа на програмирање на индустриски роботи. Досега работел на неколку проекти за светски познати компании како BMW и Audi, пишува Klix.
“Мојата работа во програмирањето на индустриски роботи во автокуќите, како што се BMW и Audi, доведе до настанување на нови модели на автомобили што се продаваат ширум светот, а се опремени со автоматска регулација на растојанието со систем за вибрирање на воланите, доколку се премине линијата, како и систем за препознавање на замор кај возачите“, вели Будаковиќ. Тој смета дека отворањето на овој центар во Тузла е многу важно, бидејќи нуди нова перспектива за младите кои досега немале можност да работат со нови технологии.