Босна и Херцеговина не ги исполнува условите за извоз на млеко и млечни производи на пазарот на Европската унија, потврди министерот за трговија и економски односи на БиХ, Борис Тучиќ, пренесува Независне новине.
Според прелиминарната анализа на инспекторатот на Канцеларијата за храна и ветеринарство на ЕУ (ФВО), институциите во БиХ мораат да ги исполнат преостанатите задачи и да се отстранат недостатоците од технички карактер.
“Официјалните резултати ги очекуваме во наредниот период. Се надеваме дека до тогаш сите напорно ќе работиме за во следните неколку месеци да дојдеме до конечната цел, зелено светло за извоз во ЕУ”, изјави Тучиќ.
Инспекторите на ФВО првата контролна мисија во БиХ ја започнаа на 21 јануари, за да го проверат степенот на исполнетост на условите за извоз на млеко и млечни производи. Тучиќ нагласи дека ниту една земја во регионот, во процесот на придружување кон ЕУ, не добила дозвола за извоз веднаш по првата мисија и потсети дека Србија добила зелено светло дури по четвртата мисија.