Најголемата млекарница во Македонија продолжува да вложува во врвна технологија и во зголемување на производствените капацитети. Најновата инвестиција во износ од два милиона евра се однесува на набавка на современа опрема за полнење ПЕТ шишиња. Опремата е веќе доставена во Млекарницата и со неа се произведуваат Битолски јогурт, Битолски густ јогурт и Баланс+ во ПЕТ амбалажа, стои во соопштението.
Новата ultra clean машина, од најнова генерација, овозможува уште поголема сигурност и исклучителен квалитет на производите. Станува збор за флексибилна машина која може да полни различни формати на производи, во ранг од 250 до 1.500 грама. Оваа модерна машина има капацитет на полнење од 6.000 до 7.000 шишиња, што ќе доведе до зголемување на производните капацитети на Млекарницата за 50%.
“Новата машина, којашто ќе го зголеми капацитетот на производството во Млекарницата, ќе овозможи, пред сè, задоволување на потребите на сè поголемиот број потрошувачи. Наша долгорочна цел е да ја одржиме лидерската позиција на пазарот, а ова можеме да го постигнеме, пред сè, ако ги следиме потребите на потрошувачите и со континуирано вложување во квалитетот на производите и со унапредување на производството. Благодарение на новата инвестиција, потрошувачите ќе можат да уживаат во своите омилени производи: Битолски јогурт, Битолски густ јогурт и Баланс+ во попрактично ПЕТ шише“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг менаџер на Бимилк.
Бимилк е лидер во производството на млеко и млечни производи во Република Македонија. Оваа година компанијата одбележува 65 години од работата. Како резултат на континуираното вложување, на подобрувањето на процесот на производство и на постојаното збогатување на своето портфолио на производи, Бимилк денес е најголемата млекарница присутна на нашиот пазар и ужива доверба на повеќе од милион потрошувачи.