БиМилк одбележа 60 години постоење

49

Битолската млекарница БиМилк денеска одбележа 60 години од денот на основањето во 1952 година, кога повеќе трговски претпријатија се здружија и го формираа тогашното претпријатие Млекар – Битола.

“Традиционалните производи се развиваа, го менуваа својот изглед и за краток период прераснаа во марка со препознатлив имиџ, а Млекара – Битола прерасна во национален откупувач на млеко и во почитуван преработувачки капацитет на млеко, кој пласира различни висококвалитетни производи на македонскиот пазар. БиМилк е успешна македонска деловна приказна, синоним за квалитет”, рече генералниот директор на Млекара Битола, Роко Водопија.

Тој посочи дека производите на БиМилк денес ги има и надвор од државната граница затоа што битолската млекарница е единствената компанија со сертификат во Република Македонија со доделен извозен број за Европската Унија.

Во портфолиото на млекарницата се 54 најразлични млечни производи, потврдена соработка со повеќе од 1.400 кооперанти, извоз на пазарите во ЕУ, Хрватска, Србија, Косово, но и во САД и Канада. Битолската млекарница во последниве две години изврши набавка и на 700 висококвалитетни јуници од расата Симентал од Австрија, кои им овозможија на фармерите да ја зголемат својата продукција од 3.000 на 5.000 литри млеко со извонреден квалитет.