понеделник, 8 март, 2021
Почетна Новости Македонија Битиќи: Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт...

Битиќи: Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата

21

Вицепремиерот посочи дека Владата уште од самиот почеток, имајќи го предвид глобалното влијание на пандемијата, како и ограничувачките мерки за заштита и превенција од ширењето на коронавирусот Ковид 19, ги детектираше угостителскиот и туристичкиот сектор, како сектори кои имаат негативни последици. Токму заради тоа, додаде Битиќи, Владата досега креираше четири сета на мерки, во кои еден од главните фокуси беше ставен токму на поддршката на угостителскиот и туристичкиот сектор, но и на сите други сектори кои бележеа загуби поради пандемијата.

„Владата работи на сетови на мерки кои ќе ја придвижат економијата напред. Во претходните сетови мерки, угостителството и туризмот беа сериозно поддржани, затоа што државата со уредба го ограничи нивното работење. Во моментов факт е дека угостителите имаат можност да работат, секако следејќи ги протоколите кои комисијата за заразни болести ги предложи, а Владата ги усвои. Со тоа што голем дел од угостителите имаа можност и да ја прилагодат својата работа со воведување на достава на производите до своите клиенти. Во време на оваа светска криза, ние сите се прилагодуваме, но она што е начело кое го имаме од почетокот и кое е зад сите политики кои ги носиме, тоа е солидарноста и правичноста при креирање на мерките. Петтиот пакет на мерки е во духот на заздравување и рестарт на економијата”,  подвлече Битиќи.

Владата продолжува да биде посветена на отворен и конструктивен дијалог со сите засегнати страни, што подразбира консултации помеѓу чинителите и инклузивен процес при креирањето и донесувањето на економските мерки. Ова е веќе воспоставена практика, која ќе продолжи и понатаму.

Средбите на засегнатите чинители со претставници на Владата, се определуваат по соодветни ресори, за да може да се сослушаат сите, чијшто глас треба да биде слушнат. Сите предлози кои се доставени до Владата и ресорните министерства внимателно и темелно се разгледуваат и консултираат помеѓу сите економски ресори, а на крај, се донесува одлука на седница на Владата, како колективно тело кое донесува одлуки со консензус по што истите ќе бидат соопштени пред јавноста.

„Во духот на отворениот пристап на оваа Влада, ги поканувам сите гранкови комори кои чувствуваат дека не се доволно претставени, да се организираат во тело кое тие сметаат дека е соодветно, за да можеме да ја олесниме комуникацијата и да го зголемиме претставувањето на сите оние кои заслужуваат да бидат слушнати”, додаде вицепремиерот Битиќи.

Предлогот на петтиот пакет, кој се уште не е финално дефиниран, содржи околу дваесет мерки, кои се таргетирани да ги поддржат најпогодените сектори и граѓани од здравствената и социо-економската криза, со фокус на задржување на ликвидноста на компаниите и спас на работните места, но и да ги стимулираат компаниите да продолжат да се развиваат и растат.