Битола со нова агро-инвестиција

54

DSC08623Градоначалникот на Битола, Владимир Талески и заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски вчера посетија нова инвестиција вредна околу еден милион евра во Битола.

Се работи за ладилник за складирање овошни производи, сопственост на приватната компанија Голем Извор, кој е со капацитет од 1.000 тона.

“Инвестицијата е реализирана според врвни стандарди, со технологија од развиените држави. Нашата мисија е да ги прифаќаме и реализираме барањата и идеите на граѓаните и во таа смисла 100% сме расположени да излеземе во пресрет. Оваа тесна и континуирана соработка меѓу Владата, општината и приватниот сектор дава резултати, а со новите поволности што ги нудиме веруваме дека ќе има и други приватни иницијативи”, изјави Талески, давајќи поддршка за инвеститорите.

Коњановски нагласи дека извозот на македонски земјоделски производи продолжува да расте, и од некогашните 242 милиони евра, сега надмина половина милијарда евра.

“Станува збор за гринфилд инвестиција, вредна околу еден милион евра која е од исклучителна важност за земјоделството кое поттикнато со владините мерки и субвенции е се поголемо. Ако го споредиме земјоделското производство од 2006 година кога имавме извоз на земјоделски производи во износ од 242 милиони евра, а сега има извоз на земјоделски производи поголем од половина милијарда евра, тоа значи дека дојде времето кога треба да се инвестира во објекти каде што ќе се прифати земјоделското производство”, изјави Коњановски.