Бизнис бонтон: Како да им ја честитате Новата година на бизнис партнерите

1463

Со вашите деловни соработници сте во постојана комуникација. Тоа подразбира заеднички средби, состаноци, деловни вечери, комуникација по телефон, мејл… Според деловниот бонтон убаво е и да им испратите честитка за новогодишни празници. Во честитката треба да им посакате најубави желби и да им покажете внимание и благодарност за успешната соработка во годината што завршува.

Иако хартиените честитки се малку подзаборавени, би можеле да ја вратите назад традицијата, па да направите честитки со ваш белег што по поштенски пат ќе им ги испратите на вашите клиенти, соработници, бизнис партнери во земјата и пошироко.

Во последно време, сè почести се честитките што се испраќаат по електронска пошта, па доколку го продолжувате тој тренд, тогаш изберете некоја убава честитка со којашто ќе им ги посакате искрените желби за следната година.

Изберете дизајн што, од една страна ќе го следи духот на празниците, а од друга страна ќе биде ваш личен печат. Внимателно напишете ја честитката со текст што лесно може да се запамети, а ќе го постигне саканиот ефект.

Пред да ја испратите честитката, ажурирајте ја листата на контакти за да бидете сигурни дека сите важни лица се на нејзе.

Испратете ја честитката навреме. Имајте на ум дека некои земаат слободни денови или користат годишен одмор пред празниците. Затоа, бидете сигурни дека честитката ќе стигне пред клиентот или деловниот соработник да замине на одмор.

Фото: Pixabay