Бизнис бонтон за сите деловни жени

306

Правилата за добро однесување во деловниот свет ќе ви помогнат да успеете, но и да го градите вашиот деловен стил. Импресионирајте ги вашите соработници и клиенти.

Дали сте одлични во вашата работа, стручни за решавање на секој проблем и ситуација, дали сакате да бидете запаметени од вашите клиенти по вашиот професионализам и повторно да ве контактираат кога им е потребна помош?

Иако стручноста е клучот за успех во кој било бизнис, факт е дека не е доволна за да бидете вреднувани. Покрај тоа што сте експерт, треба да  оставите впечаток на личност која е љубезна, човечна и доверлива.

Начинот на којшто се обраќате кон вашите клиенти и колеги, деловната етика, вашите манири и облеката, сето ова зборува многу за вас. Постојат одредени правила за деловна етикета коишто не треба да ги заобиколувате. Ако ги почитувате, сите ќе ве паметат.

Имињата се важни, запомнете ги!

Оставете добар впечаток од почеток. Ако за прв пат се среќавате со потенцијален клиент или деловен партнер, не заборавајте да го запомните неговото име. Може да биде исклучително тешко да се сеќавате на имињата на сите што ги среќавате на состаноци, дури и деловни забави и собири, но верувајте дека овој напор е вреден. Запишете во тетратката ако е потребно.

Можеби не сте слушнале или сте заборавиле нечие име кога сте се поздравиле. Не бидете срамежливи повторно да прашате едно едноставно прашање: “Како се викате?“ и тоа може да ве спаси од непријатности.

Поздравување

Поздравувањето е важен дел од деловната комуникација. Начинот на којшто им пристапувате на вашите соработници, ракувањето, насмевката, дури и титулирањето, сè е важно. Обрнете внимание на тоа кој што сака. Можеби сметате дека неформалното обраќање по име е добар однос за соработка, но тоа не значи дека сите со кои работите ќе го сакаат тоа. Некој претпочита да му се обраќаат со господине и госпоѓо. Не заборавајте на насмевката и одржувајте контакт со очи. Никој не сака да соработува со личност која постојано гледа на страна или во компјутер.

Покажете благодарност

Покажувањето благодарност на соработниците е многу повеќе од само љубезност. Комплимент, љубезен збор, но и погодни подароци, сето ова значи градење квалитетен деловен однос и комуникација во иднина. Не е важно дали станува збор за луѓе со кои соработувате долго време или само што започнавте соработка, каде очигледно е дека вашите соработници ве ценат и прават повеќе за вас отколку што било во нивниот опис на работата, благодарноста е оправдана. Подарокот нека биде умерен. Лого и пенкала на вашата компанија, промотивни торби, запалки, канцелариски материјал и тетратки секогаш можат да бидат добар избор.

Исклучително е важно да не претерувате. Суштината на давањето е да покажете благодарност, а не да направите вашиот соработник да се чувствува непријатно.

Почитувајте го туѓото време. Не доцнете!

Едноставно – не доцнете! Времето е пари, но времето е исто така почит, углед, можност да се покажете во најдобро светло. Времето е драгоцено. Доколку сакате да бидете високо ценети и рангирани во вашата професија, проверете дали го почитувате времето на вашите колеги и клиенти исто колку и вашето.

Внимателно испланирајте го секој проект и деловна обврска за да не се ставите себе си или другите во непријатна ситуација да не ја завршите работата навреме. Информирајте го соработникот кој ве чека ако доцните. Не е важно дали доцните пет минути или еден час, основна култура е да одговорите и да се извините.

Внимавајте на изгледот – уредно и дискретно

Никој не бара да дојдете на работа облечена во свечен фустан и препорачливо е да го задржите вашиот спортски изглед подалеку од вашата канцеларија. Едноставен класичен фустан, пристојно здолниште и кошула или блуза како и чевли со ниска потпетица се одличен избор.

Бидете внимателни да не претерувате со шминка. Дискретен и природен изглед е најефикасен.

Тргнете го вашиот мобилен телефон

Да, сите сме малку зависни од нашите паметни телефони, но има и некои прилики кои едноставно не ни дозволуваат да ги користиме. Можете да ги навредите вашите соработници и потенцијалните клиенти ако зјапате во телефонот за време на состанокот.