Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате бизнис партнери од Индија

122

Индија е специфична земја по многу работи, па има свои карактеристики кога станува збор за однесување и градење партнерски однос со компании и бизнисмени кои доаѓаат од оваа земја.

Индијците цврсто се придржуваат кон религијата, ги почитуваат постарите, а силно веруваат во хиерархија. Градење добра деловен однос, заснован на доверба и почитување, е долготраен процес, па се очекуваат голем број состаноци, вечери и заеднички средби.

Во првата фаза на состаноци, Индијците претпочитаат да го имаат првиот збор. Тие најпрво сакаат да развијат лична врска со бизнис партнерите и соработниците, подобро да ги запознаат, па дури тогаш да прејдат на главното.

Поздравот со рака е стандарден начин на поздравување во деловниот свет. Тоа не е исклучок ниту во Индија, но не треба да бидете изненадени ако вашиот потенцијален бизнис партнер ве поздрави со склопени дланки и рече Намасте.

Тие веруваат дека левата рака е нечиста и затоа не ја користат никогаш, па затоа имајте го овој факт на ум и избегнувајте ја. Исто така, за навредлив чин го сметаат покажувањето и насочувањето на стапалата кон нив. Избегнувајте покажување со прст, бидејќи според нивната култура, тоа е срамен чин.

За Индијците семејството има посебно место, па немојте да се изненадите ако ви постават некое прашање на таа тема. Вообичаено, таквите прашања се поставуваат на почетокот на состанокот и потоа се преминува на главната тема.

Во поглед на дрес кодот, го почитуваат формалниот начин на облекување што е широко прифатено во деловниот свет.

Индија е земја во којашто се зборуваат најмалку 23 јазици. Хинди е официјалниот јазик, а го зборуваат околу 550 милиони Индијци. Сепак, англискиот јазик е широко прифатен и се зборува на високо ниво.

Фото: Pixabay