Специјални очила што ќе им овозможат на лицата со оштетен вид да ги препознаваат објектите коишто се наоѓаат во непосредна близина на слепото лице е идејата која го освои првото место на Наградата за социјално претприемништво 2016.
На свечената церемонија за прогласување на победниците, којашто се одржа 29-ти септември 2016 во просториите на Хаб Скопје, на првонаградените им беше врачена парична награда од 3.000 евра, од страна на Шпаркасе Банка Македонија, главен партнер на оваа програма.
“Во светот живеат над 285 милиони лица кои имаат трајно оштетен вид или се целосно слепи. Сите знаеме дека овој медицински проблем е речиси неизлечлив, а и во оние ситуации каде има шанси за подобрување, кои се релативно мали, давачките се огромни. Користејќи ги придобивките од технологијата, преку слушалки, корисникот ќе биде известуван за објектите во неговата непосредна близина. Самиот производ е замислено да биде по релативно ниска цена, достапна за секој“, изјави Игор Кировски од победничкиот тим.
Втората награда во висина од 2.000 евра стручното жири ја додели на ресторанот за здрава храна Фрешис, којшто има развиено социјален бизнис модел во Македонија и 34% од профитот го донира во општествени цели. Фрешис редовно донира храна за бездомни лица и овозможува попуст за студентите, а во иднина планира маргинализираните категории на граѓани да ги вклучи како свои соработници.
Третото место го освои решението Сламахер, кои се залагаат за изградба на енергетски ефикасни домови од сламени бали по достапни цени. Четвртото победничко решение избрано преку онлајн гласање е проектот One can make it work, чиј тим ќе добие дополнителна менторска и консултантска поддршка од компанијата Конто Профит.