Бизнис прием во Виена организиран од Македонија2025

23

efe78273-be16-4545-8851-9c3fc8490b31

На 16 јуни во палатата Кајзерхаус во Виена, организацијата Македонија2025 одржа прием чија цел беше да се зближат и запознаат претставници на професионалната македонска дијаспора од Европа и да се промовираат можностите за инвестирање и соработка во Република Македонија. Приемот беше одбележан со присуство на над 100 гости и говорници кои исполнуваат важни функции во светски институции, банки, финансиски и осигурителни друштва, како и претставници на домашни компании и странски инвестиции во Македонија.

Настанот го отвори ко-основачот на Македонија2025 и успешен претприемач од Канада со македонско потекло, Џон Битов Помладиот. Тој го потенцираше развојот на организацијата во една од водечките која работи во полза на економскиот напредок на Република Македонија.Тој изјави: „Во дијаспората има голем број луѓе што се инспирирани да започнат компанија во Република Македонија или да направат поинаков, нематеријален придонес. Сите знаеме дека инвестирањето не е едноставен процес, но кога се работи за оваа земја вреди да се искористат нејзините потенцијали и вреди да се придонесе во професионалниот развој, за што постојат многу начини. Знам дека присутните се мотивирани да придонесат и ги поканувам сите да ги истражуваат можностите за соработка и придонес во Република Македонија“.

Потребата од поголемо вклучување на Република Македонија во европската економија, како и поголема професионална и деловна соработка, беше истакната и од двајцата истакнати говорници на настанот, господинот Михаел Краус – основач на финансиската куќа Донау Финанц, и господинот Марко Мантованели – менаџер на Светската банка за Македонија и Косово. Тие беа едногласни во заклучокот дека во Република Македонија има потреба од натамошно развивање на производствените капацитети, подобрување на деловните вештини и познавања, како и зголемување на соработката на компаниите во земјата со партнери во други земји.

Приемот во Виена беше одраз на деловните односи помеѓу Македонија и Австрија кои траат повеќе од дваесет години. Со цел да се прошири добрата соработка, на настанот се одржаа и три панел дискусии на кои беа претставени можностите за инвестирање во Македонија од перспектива на инвеститори, беа претставени успешни македонски приказни во бизнис светот глобално, а се разговараше и за потребата од формално и неформално конструктивно промовирање на Македонија пред светот. Организаторот искажа особено задоволство од интересот на претставници на професионалната дијаспора кои потекнуваат од Македонија, како Роберт Арсов, Вахит Алили, Кирил Савовски, Лоран Пејчиновски, Снежана Живчевска, Професор Владо Димовски кои на крајот на настанот зборуваа за важноста да се враќа назад кон татковината.