Бизнис со воздух – шише воздух од татковината за 30 евра

52

Со цел сузбивање на пандемијата на коронавирус, многу земји во светот ги затворија своите граници и го ограничија патувањето, поради што оваа година голем број луѓе се најдоа далеку од дома.

Во Велика Британија новиот вид на коронавирус којшто се шири 70% побрзо, доведе неколку земји ширум светот да воведат забрани и ограничувања за патување во таа земја. Така, голем број британски граѓани останаа “заробени“ во странство и нема да можат наскоро да се вратат во својата земја.

Меѓутоа, британската страница за селидба My Baggage (Мој багаж) смисли специјален подарок за носталгичните патници кои копнеат по својот дом.

Компанијата продава шишиња “автентичен“ воздух од Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска со цел на жителите на Велика Британија во странство да им овозможи мирис на домот.

За 25 фунти (околу 28 евра), купувачот добива воздух во шише од 500 милилитри.

Покрај четирите земји во Велика Британија, компанијата добива и посебни барања за воздух од која било друга локација во Велика Британија. Тие неодамна ја исполнија желбата на еден Велшанец кој сакаше да добие воздух од планинскиот регион Сноудонија во северо-западен Велс.

Тимот на компанијата My Baggage , којашто се занимава со меѓународни преселби за граѓаните на Велика Британија, вели дека биле инспирирани за лансирање на флаширан воздух во шишиња по спроведените истражувања кои го поврзуваат сетилото за мирис со емоционалните спомени.

“Сакавме да им помогнеме на жителите на Велика Британија кои живеат во странство повторно да се поврзат со домот и од објавените истражувања знаеме дека нашето сетило за мирис ефикасно предизвикува спомени“, велат од компанијата.

Според компанијата, повеќето нарачки доаѓаат од оние кои купуваат шишиња воздух како подароци за пријателите или семејството кои живеат во странство.

Фото: mybaggage.com