Бизнис заедницата побара: Нула минути на граница и една работна дозвола

37

Нема зошто камионот да чека на границата на Северна Македонија, ако носи стока од Албанија за Србија. Загубите што се прават со отворање на границите, треба да се претворат во средства за нови инвестиции за отворање на нови бизнис потфати што отвораат нови работни места, истакна премиерот Заев на панелот на Економскиот форум за регионална соработка, на која учествуваа и претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот Еди Рама, како и претседателите на стопанските комори од Албанија, Србија и Северна Македонија.

Панелот беше насочен кон интересот на деловните луѓе од регионот кои во голем број учествуваа на форумите за поврзување и кои изразија силна поддршка за новите конкретни проекти што ги предвидува иницијативата.

Претставниците на стопанските комори на трите земји соопштија дека ќе формираат заедничко тело што ќе ја мониторира имплементацијата на преземените мерки и активности како и напредокот на придобивките.

Тие порачаа дека очекуваат колоните камиони конечно да исчезнат од границите и дека преземените активности ќе ја остварат оваа цел.

Стопанствениците изразија поддршка и за меморандумите во кои се исцртани насоките за слободно движење на работната сила низ регионот без пречки и за остварување на политиката за една работна дозвола за целиот регион и признавање на квалификациите со што ќе се создадат услови младите да се задржат во регионот.

На економскиот панел во рамки на Регионалниот економски форум, бизнис заедницата укажа и на потребата од воведување една работна дозвола.

“Без нула минути не можеме да бидеме конкуреннти во ЕУ. Од друга страна, скоро 40% од компаниите се жалат на проблеми да најдат квалификувана работна сила во сопствениот систем. Затоа, не треба да се поедностават само процедурите за работни дозволи, туку треба да се воведе една работна дозвола. Значи, бараме нула минути на граница и една работна дозвола, истакнаа стопанствениците.

Според нив, мора да се создаде перспективва – младите да бараат работа дома, во регионот, наместо да заминуваат надвор.

“Тука сме и да разговараме директно со стопанствениците, тие ја јакнат нашата економија и го полнат буџетот. Отворени сме за сите добри идеи и имаме силна политичка волја и јас и претседателот Вучиќ и со премиерот Рама да ги отстраниме сите причини кои ги создаваат колоните камиони на границите. Ќе ги интензивираме процесите за дигитално поврзување за проверка на сите документи и за поврзување на софтверите за ДДВ. Тоа ќе го покрие целиот регионален простор и границите ќе станат прашање на време кога конечно ќе бидат тргнати”, истакна премиерот Заев на панелот.

На панелот беше детално објаснета идејата за поттикнување на комуникацијата меѓу младите луѓе, ученици, студенти, со соодветни програми за поврзување со што ќе се продолжат сезоните во туристичките центри во Албанија, Србија и Северна Македонија.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ истакна дека отворените граници се потенцијал за создавање дополнителна пријателска атмосфера која е стимулативна за поврзување не само на деловните заедници, туку и меѓу обичните луѓе и граѓани.

“Ова не е иницијатива на неколку политичари, ова е иницијатива за иднината на сите граѓани од целиот регион”, потенцираше претседателот Вучиќ.

Премиерот на Албанија, Еди Рама истакна дека во трите земји веднаш ќе започнат подготовките за применливост на одредбите од меморандумите што денеска ги потпишаа трите влади.

“Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан што денеска ќе го потпишеме е првиот чекор во таа насока. Парадоксално е ние да ги признаваме работните дозволи од ЕУ, а да не си ги признаваме работните дозволи меѓу нас”, потенцираше премиерот на Албанија Еди Рама.

Фото: Pixabay