“Ако живееш за мислењето на другите е исто како да си мртов. Јас не сакам да живеам со мислата како ќе ме запомнат.”
Најбогатиот човек во Мексико Карлос Слим Хелу е истовремено и еден од најбогатите луѓе во светот.
Неговото богатство се проценува на повеќе од 35 милијари долари, а сето тоа го должи на одличното управување со инвестициите во бизнисот. Тој поседува повеќе од 200 компании во Мексико со што е еден од највлијателните луѓе во државата и пошироко.
Родителите на Карлос биле либански имигранти кои се доселиле во Мексико пред тој да се роди во 1940 година.
Како дете бил воспитуван во духот на правилните вредности, а татко му, успешен трговец со недвижнини, го учел да чита финансиски извештаи и мудро да инвестира од рани години.
Така, по неговата смрт во 1953 година, младиот Карлос застанува на чело на фамилијарниот бизнис.
Откако ги завршува студиите по градежништво во 1961 година, за кратко време ја основа и неговата прва компанија Inversora Bursatil – друштво за осигурување.
Иако Слим е најдобро познат како основач и претседател на телекомуникацискиот гигант Telmex, неговото богатство доаѓа од многу различни бизнис потфати.
Тој има добро разработена стратегија за правење пари: Купува компании на кои тешко им оди бизнисот, ги трансформира во холдинзи од милијарди долари и на крај го продава својот удел. На пример, Слим поседува најголем број на акции во New York Times.
Бизнисменот стана познат за пошироката јавност во 1991 година кога се појави на листата на Forbes со тогашната вредност од 1,7 милијарди долари. Годината пред тоа беше и неговиот прв огромен успех кога Grupo Carso стана акционерско друштво и се случи приватизацијата на државната телефонска компанија Telmex.
Во 2010, Карлос Слим беше најбогатиот човек на светот, оставајќи го Бил Гејтс на второ место.
Со текот на повеќедецениското работење пофалбите, но и лошите зборови не изостанувале. Сепак, Карлос е одлучен кога станува збор за критиките.
“Ако живееш за мислењето на другите е исто како да си мртов. Јас не сакам да живеам со мислата како ќе ме запомнат. Јас само се обидувам да ја направам нашата земја подобра онаму каде што можам.”
Слим вели дека неговата најголема цел е искоренување на сиромаштијата. Според него, тоа е должност на сите успешни бизнисмени.
“Сиромаштијата не се решава со донации. Креирањето на бизниси е многу покорисно за општеството отколку изигрување на Дедо Мраз.”
Иако е еден од најбогатите луѓе во светот, Карлос живее во истата куќа со шест спални соби веќе 40 години. Не поседува скапи јахти и авиони, а најголемиот дел од парите ги вложува во други бизниси или во добри цели.
Слим беше 32 години во брак со сопругата Сомаја, пред таа да почине во 1999. Двојката заедно има шест деца.
Иако тој сè уште ги контролира неговите компании, многу од одговорностите ги предаде на своите три сина, Карлос, Марко Антонио и Патрик.
Од 2004 година, Слим веќе не е во бордот на директори на неговите три најголеми фирми, со цел да се фокусира на фамилијата, филантропијата и сопственото здравје.