Бизнисмени од Бахреин и Оман најавија учество на Сараево Бизнис Форум

34

daВо пресрет на претстојниот деветти годишен Сараево Бизнис Форум (СБФ), кој ќе се одржи на 25 и 26 април во Сараево, ББИ Банка започна со организација на бизнис состаноци со интернационални и регионални бизнисмени и инвеститори.

Претставниците од ББИ Банка неодамна се вратија од Кралството Бахреин каде ги презентираа можностите за инвестирање во Југоисточна Европа и преговараа како за идните соработки, така и за присуство на водечките бизнисмени од Кралството на претстојниот Сараево Бизнис Форум.

“Бизнисмените од Кралството Бахреин се веќе запознаени со можностите за инвестирање во регионот на Југоисточна Европа, а им ги презентиравме и предностите на нашиот регион во смисла на природните ресурси кои ги имаме и развојот на регионот во областа на недвижнините, енергетиката, земјоделството, прехранбената индустрија и туризмот. Исто така, го организиравме и присуството на голема бизнис делегација содржана од околу 50 бизнисмени кои ќе учествуваат на овогодинешниот бизнис форум”, рече Амер Буквиќ, претседател на Одборот на директори на ББИ Банка.

Позитивните искуства од минатогодишниот Сараево Бизнис Форум ги пренесоа и бизнисменот г. Јавад Ал Хаваи, претседател на групацијата Ал Хаваи, како и претседателот на Босанско-бахреинското општество, кои потенцираа дека овој форум може да биде од огромно значење за директен контакт со домашните бизнисмени.

Инаку, претставниците на ББИ Банка и ББИ Вип клубот неодамна го посетија и Оман каде одржаа повеќе состаноци со претставниците на институционалните инвеститори од Оман и водечките бизнисмени од приватниот сектор, при што ги запознаа со природните ресурси и можностите за развој во ЈИЕ регионот. Меѓу другото, при посетата беше потврдено присуството и на оманските инвеститори на Сараево Бизнис Форумот, а Абдулсалам Мохамед Ал Муршиди, извршниот директор на Државниот резервен фонд на Султанот на Оман, го најави учеството и на нивните претставници.

“Дополнителни презентации во врска со можностите за инвестирање во целиот ЈИЕ регионот наскоро ќе бидат организирани во земјите од Заливот, во Турција и во Саудиска Арабија“, додаде Буквиќ.

Овогодинешниот Сараево Бизнис Форум ќе претстави повеќе проекти во доменот на земјоделството, енергетиката, едукацијата, финансиите, инфраструктурата, градежништвото, туризмот и други сектори на развој. Овој форум е одлична можност за македонските компании да ги споделат своите искуства со бизнисмените од Кралството Бахреин и Оман, како и да започнат бизнис врски со овие богати земји.

Во текот на изминатите 8 години, Сараево Бизнис Форум беше домаќин на околу 8.000 учесници од повеќе од 50 земји, вклучувајќи и повеќе од 20 претседатели и премиери. Учество земаа повеќе од 3.000 компании и беа одржани повеќе од 1.500 директни состаноци, а конференцијата беше покриена од повеќе од 2.000 новинари ширум светот.

Организатор на оваа најголема и најважна конференција за инвестиции во регионот е Босна Банка Интернационал (ББИ) во соработка со Исламската банка за развој (ИДБ).