Турски бизнисмени вчера ја посетија општина Битола со цел да го прошират својот бизнис на овие простори, соопштија од кабинетот на градоначалникот Владимир Талески.
Фазли Туркер, генералениот директор на компанијата Хисарлар од турскиот град Ескишехир на средбата со градоначалникот Талески, истакна дека имаат намера во Македонија да почнат со производство на едно специфично возило Турккар за различни намени.
“Јас сум генерален директор на една турска фабрика која има вработено 800 луѓе. Произведуваме земјоделски машини и едно уникатно теренско возило. Подготвени сме да соработуваме со бизнисмени и општини од Македонија затоа што произведуваме возила што им се потребни на општините. Нашата фирма е со традиција и верувам дека оваа посета ќе вроди со економска соработка”, рече Туркер.
На средбата беше присутен и македонскиот амбасадор во Турција, Горан Тасковски кој најави средби на турски бизнисмени и со градоначалниците на Могила и Новаци.
“Убеден сум дека оваа делегација е една од најсериозните турски делегации кои благодарение на амбасадорот во изминатиот период ја посетија нашата општина. Во првата фаза целта е да се направи фабрика во Битола во која што ќе се монтираат деловите на ова возило, а доколку има интерес и продажбата се движи според предвиденото во следната фаза се очекува да се направи фабрика што ќе произведува такви возила”, посочи градоначалникот Владимир Талески.