Бизнисмените бараат усогласување на православниот со католичкиот Божик

36

Стопанствениците повторно ја актуелизираат Иницијативата да се усогласи православниот со католичкиот Божик.

Тие се консултирале и со Македонската православна црква и бараат да се донесе закон што ќе го регулира ова прашање поради кое најмногу трпи бизнисот.

Според изјавата на заменик претседателот на Сојузот на стопанските комори (ССК) Мирче Чекреџи, официјален став на Синодот е дека „за оваа работа треба да се почека, дека не е време“, но, според поединечните разговори со владиците за евентуални измени на датумот, канонски пречки нема.

“Нашата иницијатива трае веќе пет години. Сметаме дека усогласувањето на датумите за славење Божик ќе им помогне многу на фирмите, особено на извозно ориентираните зашто ќе се намали периодот во кој не е можно нашите компании да соработуваат со своите западноевропски партнери. Тие слават од 24 декември до Нова година, а ние од Нова година до 7 јануари”, стои во изјавата на Чекреџи.

Тие 7-8 дена разидување со партнерите од странство значат многу за македонскиот бизнис. За време на католичките Божиќни празници се слават големи семејни празници. Тој период никој не работи во цела Европа.

“Нашите фирми тие 7-8 дена пред Нова година не можат да работат ниту извозно, ниту увозно. По Нова година, пак, ние славиме, а Западна Европа работи. Се удвојува периодот во кој не може да се работи. Тоа треба да се корегира. Многу православни цркви, како Грчката, мислам и Бугарската, ја имаат направено оваа работа”, вели заменик претседателот на ССК.

Како што нагласува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, секое решение што оди во правец на подобрување на условите за бизнис, вклучувајќи го и ова, ќе биде поддржано од Сојузот на стопанските комори.

“Само три држави, Србија, Русија и ние, го слават Божик на 7-ми јануари. Објективно, тоа создава проблеми зашто додека се слави католичкиот Божик, странските компании кај нас не работат и обратно. Се отвора 20-дневен период на „пауза“. Но, досегашното искуство покажува дека нашите компании лесно се прилагодуваат на ова, тогаш ги вршат ремонтите или поради вишоките трошоци, го намалуваат производството во тој период. Генерално, големите компании не трпат којзнае колкваи штети, но помалите да”, истакнува претседателот на Стопанската комора Азески.

Сепак некои од членките на Стопанската комора, велат дека несовпаѓањето на православниот и католичкиот Божик, не претставува проблем за бизнисот.

“Фирмите не трпат никакви последици зашто и нивните странски партнери тој период не работат. Бизнис договорите не се склучени некој од тие денови, туку најмалку два месеца претходно и си течат. Секоја сериозна компанија се организира, има служба за тоа, дежурни кои нема да дозволат пропаѓање на зделките заради празникот. Во јануари никој од Запад не доаѓа тука. Сите се дома и најчесто го продолжуваат празнувањето. Многу земаат и плус денови одмор за на скијање така што тој период се поклопува со нашиот празник до 7 јануари. Во оваа смисла, несовпаѓањето од една недела не е толку голем проблем”, велат компании членки на Стопанската комора.