
Европските бизнис лидери планираат да ги зголемат инвестициите во Соединетите Американски Држави и се скептични кон реформите на Европската Унија и деловните перспективи на Стариот континент.
Како што покажуваат резултатите од неодамнешното истражување на Европската индустриска тркалезна маса, песимизмот кон Европа е малку помал отколку пред шест месеци, но сепак го претставува мнозинското мислење.
Анкетата, во која учествуваат околу 60 директори и претседатели на компании како што се ASML, BASF и Vodafone, покажува дека само осум проценти од испитаниците планираат да ги зголемат инвестициите во Европа, додека дури 38 проценти велат дека ќе ги намалат или одложат инвестициите на Стариот континент.
Спротивно на тоа, приближно 45 проценти од бизнис лидерите планираат да ги зголемат инвестициите во Соединетите Американски Држави.
Бизнис лидерите истакнуваат дека европската средина е премногу бавна во спроведувањето на потребните реформи, што дополнително ја поттикнува миграцијата на капиталот во САД и други конкурентни пазари, објавува Ројтерс.
Анкетата, исто така, покажува дека мнозинството испитаници не забележале значаен позитивен ефект од иницијативите на ЕУ во клучни области како што се поедноставување на регулативата, подобрување на единствениот пазар, политиката на конкуренција и достапноста на енергија, кои се области од витално значење за европските компании.
Овие резултати беа објавени непосредно пред состанокот на министрите на ЕУ, чија тема е конкурентноста и отстранувањето на внатрешните бариери на единствениот пазар.
Европските бизнис лидери очекуваат министрите да преземат брзи и решителни чекори за да ја поттикнат европската економија и да спречат понатамошни одливи на инвестиции, се додава во извештајот.











