
BlackRock има намера да привлече нова генерација Европејци и нивни инвестиции, особено во Источна Европа, со проширена понуда на финансиски производи, изјави директорот на американскиот инвестициски фонд за Ројтерс, следејќи ги новите планови на Европската унија за штедење на домаќинствата.
Хина пишува дека фондот сака да потпише повеќе договори со европските банки за дистрибуција на поширок спектар на инвестициски производи со цел да привлече милиони нови европски инвеститори, изјави извршниот директор Стивен Коен.
„Европа започна како култура на штедење, а не како култура на инвестиции. Тоа се менува сега, и тоа сосема радикално“, додаде Коен.
Американскиот фонд за управување со средства е најголем во светот и веќе работи со британските банки Лојдс и Монцо, а сега ги истражува можностите за нови договори за дистрибуција на инвестициски производи, особено на пазарите каде што е помалку познат, како оние во Источна Европа.
Активата на европската филијала на BlackRock, iShares, достигна вредност од еден трилион долари во февруари, според Коен. Во рок од три години, американскиот фонд сака да го удвои бројот на клиенти на европскиот пазар, на 19 милиони.
Изјавата на лидерот на BlackRock се совпадна со објавувањето на планот на Европската комисија за формирање „Сојуз за штедење и инвестиции“. Целта е да се „подобри“ механизмите со кои финансискиот систем на ЕУ „ги канализира заштедите во продуктивни инвестиции“, се вели во соопштението на ЕК објавено во средата.
Домаќинствата во ЕУ чуваат приближно 70 отсто од своите заштеди на банкарски сметки и само 30 отсто на инструменти на пазарот на капитал. Нивните заштеди во банките се сигурни и достапни, но обично даваат помал принос од инвестициите на пазарите на капитал, нагласуваат од Комисијата.
На ЕУ до 2030 година ќе и бидат потребни дополнителни 750 до 800 милијарди евра инвестиции годишно, а се очекува и „дополнително влијание од зголемените потреби за одбрана“, па Унијата се обидува да го реши проблемот со јазот меѓу заштедите и потребите за инвестиции преку подобрување на ефикасноста и обемот на инвестиции преку банкарството и пазарите на капитал.