Благ пад на Волстрит

66

Цените на акциите на Волстрит благо паднаа во средата, и се тргуваше претпазливо бидејќи инвеститорите не се сигурни дали има некоја причина дополнително да купуваат акции по силниот пораст на нивните цени во претходните два дена.

Dow Jones загуби 0,14 отсто, на 30.273 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 3.783 поени, а индексот Nasdaq 0,25 отсто, на 11.148 поени.

Откако Dow Jones и S&P 500 го забележаа најголемиот дводневен скок од април 2020 година во претходните два дена, пазарот вчера се смири. Инвеститорите се внимателни, на што укажува и помалиот обем на тргување. Вчера се сменија 10,4 милијарди акции, додека просечниот дневен обем во последните 20 дена беше 11,6 милијарди.

Претходните денови на пазарот преовладуваше мислењето дека американската централна банка може да го забави темпото на зголемување на каматните стапки. Но, вчера Мери Дејли, претседател на филијалата на ФЕД во Сан Франциско, рече дека инфлацијата е проблем и дека централната банка се држи до својата политика.

„Патот е јасен: ќе ги зголемиме каматните стапки во рестриктивната зона и ќе ги задржиме таму некое време. Посветени сме на намалување на инфлацијата и ќе останеме на тој пат додека не го сториме тоа“, рече Дејли.

Поради ова, пазарот на пари сега проценува дека ФЕД ќе ги зголеми клучните каматни стапки за агресивни 0,75 процентни поени на дводневната сесија на 1 и 2 ноември, четврта сесија по ред. И податоците од сè уште силниот пазар на труд покажуваат дека инфлацијата би можела да остане околу највисоките нивоа во историјата уште некое време.

Агенцијата за вработување АДП вчера објави дека бројот на вработени во приватниот сектор во САД се зголемил за 208.000 во септември, нешто повеќе од очекуваното. Силната побарувачка за работници укажува дека ќе продолжи притисокот врз растот на платите, а со тоа и врз потрошувачката и инфлацијата.

Затоа, во фокусот на инвеститорите во петок ќе биде владиниот официјалниот извештај за вработеноста за изминатиот месец, што би можело значително да влијае на насоката на пазарот. Цените на акциите вчера паднаа и на европските берзи. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,48 отсто, на 7.052 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 1,21 отсто, на 12.517 поени, а париски CAC 0,90 отсто, на 5.985 поени.