Цената на златото ќе продолжи да расте и следната година, додека во последниот квартал ќе изнесува во просек 1.925 долари по унца, прогнозираат аналитичарите на Блумберг.
Најголемите светски инвеститори ги зголемуваат своите вложувања во злато. Џон Полсон во вториот квартал го зголеми својот удел во SDPR Gold Trust за 26% и сега поседува 21,8 милиони акции (3,67 милијарди долари), додека Џорџ Сорос своите влогови ги подигна за 49% во третиот квартал, најмногу во последните две години. Сега има 1,32 милиони акции во глобалниот SDPR Gold Trust. Секоја акција претставува околу десетина од унца, па уделот вреди 219 милиони долари.
Цената на овој метал ќе расте секој квартал следната година, а во последниот квартал ќе достигне просек од 1.925 долари за унца, што е за 12% повеќе од сегашната цена, според мислењето на 16 аналитичари што ги консултира Блумберг.
Според инвеститорите, вложувањето во злато е заштитување од лудоста на политичарите и дека со купување на нешто реално, како злато, ќе си ги заштитат своите портфолија.
Оваа година цената на златото на берзата во Лондон порасна за 11% на моментални 1.733 долари за унца. Рекордна цена златото постигна во септември 2011 година, 1.921 долари.