BMW ги претстави новите i5 и Серија 5 Touring модели

42

Пристигна шестата генерација на BMW Серија 5 во Touring изведба и со себе ја носи првата електрична варијанта i5 на караванот

Поставата на BMW Серија 5 се проширува откако баварскиот производител ја претстави новата Touring варијанта. Истата ги следи стапките на редизајнираната лимузина и има за цел да биде примамлива алтернатива на кросовер и SUV моделите на пазарот.

Караванската изведба не се оддалечува од својот пандан бидејќи ги заменува меките кривини за остри линии и издлабени површини. Забележлива е и изразената маска, која ќе се нуди со опционално контурно осветлување BMW Iconic Glow.

Движејќи се поназад, има силна линија на рамената и нежно наведнат покрив. Ним им се придружува релативно обичен заден крај кој има аголен прозорец и тенки задни светла.

Тркалата од 18 и 19 инчи се стандардни, иако 21-инчните ќе бидат достапни како опција. Клиентите можат да нарачаат пакети M Sport, M Sport Pro и M Carbon Exterior.

Во однос на големината, моделот е 97 мм подолг, 32 мм поширок и 17 мм повисок од неговиот претходник. Меѓуоскиното растојание исто така порасна за 20 милиметри.

Висока технологија и пространа кабина

Кога станува збор за внатрешноста, има познат ентериер со заоблен дисплеј кој се состои од 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и 14,9-инчен инфозабавен систем. Вториот работи на BMW OS 8.5, што значи дека поддржува видео стриминг, како и игри со AirConsole. Клиентите исто така ќе имаат компатибилност со Android Auto и Apple CarPlay.

Целосните детали ќе бидат познати подоцна како што ќе се наближи лансирањето, но BMW напоменува дека Touring моделот е опремен со спортски седишта и нов волан кој има порамно дно. Моделот е исто така „поодговорен“ бидејќи има „целосно вегански ентериер“ како стандардна опрема.

Иако сето ова звучи добро, сепак вистинската цел на BMW Серија 5 Touring е товарниот простор. Багажникот собира 570 литри багаж, но тој може да се зголеми на 1.700 литри со преклопување на задните седишта надолу. BMW, исто така, забележа дека има простор за складирање под подот на багажникот, како и автоматска задна врата за олеснување на товарењето и растоварувањето.

Достапен е асортиман на опции, вклучувајќи панорамски стаклен покрив и BMW Individual Merino кожа. Клиентите ќе можат да добијат и премиум аудио систем Bowers & Wilkins со 18 звучници, како и BMW Interaction Bar.

Електрични и благи хибридни погонски единици

Електричниот i5 исто така добива своја редизајнирана Touring верзија, која има батерии од 81,2 kWh. Кај i5 eDrive40 Touring, за придвижувањето е задолжен мотор поставен одзади со 340 КС и 430 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на моделот да забрза до 100 км/ч за 6,1 секунда и да патува до 560 километри според процедурата за тестирање WLTP.

Купувачите кои бараат повеќе перформанси можат да се одлучат за i5 M60 xDrive Touring, кој има двомоторен систем за погон на сите тркала со 601 КС и 820 Nm вртежен момент. Ова му овозможува на автомобилот да забрза од 0-100 км/ч за 3,9 секунди, пред да постигне електронски ограничена максимална брзина од 230 км/ч. Сепак, опсегот во најдобар случај паѓа на 506 километри.

Кога ќе дојде време за полнење, клиентите ќе најдат можности за наизменична струја од 11 kW и 22 kW. BMW i5 Touring има и можност за брзо полнење со еднонасочна струја до 205 kW.

За верзијата со внатрешно согорување, има неколку благи хибридни опции, вклучувајќи 2,0-литарски четирицилиндричен турбодизел со 197 КС и 400 Nm вртежен момент. Поврзан е со осумстепен менувач, кој може да се поврзе со опционален систем за погон на сите тркала.

Дополнителни опции ќе бидат понудени ова лето, вклучувајќи шест цилиндричен дизел и „две моделски варијанти со најновата генерација на plug-in хибриден погон“.

Освежениот Серија 5 и i5 Touring ќе се појават на пазарот овој мај.

Преземено од Avtoplus.mk