BMW и пркоси на кризата – раст на добивката за 16%

54

Германскиот произведувач на луксузни автомобили BMW извести дека нето добивката во третиот квартал пораснала за неочекувани 16%, на 1,29 милијарди евра, и покрај тешките услови на пазарот.

“Групата BMW продолжи да работи успешно и покрај лошите услови на пазарот. Податоците од продажбата, приходите и добивките во третиот квартал достигнаа нови рекордни нивоа”, стои во соопштението.

Аналитичарите предвидуваа пад на добивката за 3,1%, на 1,05 милијарди евра.

Приходите скокнаа за 13,7%, на 18,817 милијарди евра, додека основната оперативна добивка е повисока за 13,8% и изнесува две милијарди евра.

“Очекуваме понатамошен раст на приходите и по последниот квартал, иако е јасно дека, како и секторот во целост, веројатно ќе бидеме соочени со неповолни услови за работење”, нагласи претседателот на управата, Норберт Рајтхофер.

Групата ја зголеми продажбата за 9%, продавајќи вкупно 434.963 возила.