Богатите и моќни се вакцинираат преку ред

62

Во СAД, богатите и оние со силни врски го прескокнуваат редот за вакцинација против Ковид-19, односно успеваат да се имунизираат дури и пред приоритетните групи. Според извештајот објавен од NBC News, вакви случаеви биле забележан и од властите, а гувернерот на Њујорк, Ендру Комо се заканил дека ќе изрече казни до еден милион долари и ќе им ги одземе лиценците на здравствените работници кои ги кршат државните упатства за имунизација.

Според  упатствата, приоритет за вакцинација се здравствените работници и жителите во домовите за стари лица, а потоа останатите, пред сè оние кои имаат најголем ризик од инфекција.

Сепак, во повеќе градови е забележано дека и оние кои не се приоритет примаат вакцини. На пример, во Мајами, некои големи донатори на болница и тајкуни веќе се вакцинирани, иако сè уште не биле на ред да се имунизираат. Во Колорадо, забележано е дека првите вакцинирани просветни работници се во приватни училишта.

Експертите предупредуваат дека покрај овој проблем, американското општество ќе се соочи и со процут на црниот пазар на вакцини. Според нивните информации, во Индија веќе се произведуваат фалсификувани вакцини, кои лесно можат да се најдат на други пазари, вклучително и во САД. Тие апелираат до новиот претседател Џо Бајден да ја забрза имунизацијата, како и да влијае на подобрување на планот за имунизација, но и контрола на неговата имплементација.

Фото: Pixabay