Боинг во првиот квартал оствари загуба од 343 милиони долари

10

Американскиот производител на авиони Боинг го заврши првиот квартал од оваа година со длабока загуба од 343 милиони долари, додека пред една година таа изнесуваше 414 милиони долари.
Загубата е резултат на падот на испораките на авиони во светло на неодамнешните безбедносни грижи околу авионите на Боинг, според француската новинска агенција АФП.

Приходите на компанијата во првите три месеци од годинава се за 7,5 отсто помали во однос на истиот период лани и изнесуваат 16,6 милијарди долари. Загубата беше малку помала отколку што очекуваа аналитичарите, според АФП.

Боингот неодамна го тресат бројни скандали. Меѓу најпубликуваните е јануарскиот инцидент со Боинг 737 макс 9 на Алјаска ерлајнс, кој мораше принудно да слета откако панелот на вратата падна за време на летот.

Поради тоа, американската Федерална управа за авијација (FAA) го замрзна производството на овој модел на авион од Боинг и побара од Боинг да покаже подобрувања во перформансите и контролата на квалитетот.

„Нашите резултати од првиот квартал ги одразуваат непосредните активности што ги презедовме за да го забави производството на моделот на авион 737 за да го подобриме квалитетот“, рече главниот извршен директор Дејв Калхун, кој ќе се повлече на крајот на годината.