Бонтон за видео конференција од дома

452

Без разлика на тоа дали веќе долго време работите од дома или поради пандемијата се прилагодувате на таквиот начин на работа, во еден момент сигурно ќе се појави потреба да организирате видео состанок со колегите. Иако можеби знаете како да воспоставите врска и да го одржите состанокот, сепак добро е да ги почитувате овие бонтон правила кога се работи за онлајн видео врска во домашни услови, пишува Digital Trends.

Дали е добра интернет врската?

Повремените разговори со блиски и пријатели преку Skype не се доволна пракса за активно користење на видео повици за потребите на бизнисот. Затоа, пред да ја почнете конференцијата, проверете дали ви е стабилен интернетот. Постојат апликации коишто имаат можност да направат тестирање, а истото важи и за поголемиот дел од апликациите преку кои се организираат виртуелните состаноци. Колку е постабилен интернетот, толку и видео врската ќе биде подобра. Ако имате проблеми со интернетот, тогаш подобро би било да воспоставите само аудио врска.

Проверете го хардверот

Ако имате лаптоп, тогаш најверојатно имате вградена камера. Но, треба да проверите дали работи. И за тоа постојат апликации што може да тестираат дали камерата функционира. Ако користите статичен компјутер, тогаш користете го вашиот мобилен телефон за да може да воспоставите видео врска.

Сокријте ја позадината

Бидете внимателни и на тоа што се наоѓа зад вас, во моментот кога ќе треба да ја воспоставите видео врската. Ако е само чист ѕид, тоа би било идеално, но ако има некој непосакуван детаљ, тогаш мора да го сокриете. Апликации како Skype и Microsoft Teams им овозможуваат на корисниците да ја замаглат позадината и фокусот да биде ставен на лицето пред камера. Апликацијата Zoom, пак, дава можност за избор на некоја виртуелна позадина којашто е идеална ако зад вас има неред.

Видео состанок ако е нешто важно

Најпрво, за да биде организиран видео состанок, треба да има јасна причина за тоа. Некои детали можат лесно и едноставно да се договорат или преку мејл, телефонски разговор или со допишување со колегите преку некоја апликација. На видео состаноците треба да споделите важни работи, што не би требало да ги споделите поинаку.

Намалете го микрофонот кога не зборувате

Доколку вие зборувате, вклучете го микрофонот, но доколку ги слушате соговорниците, тогаш исклучете го за да не создава дополнителна бучава во разговорот што може да им пречи за сите.

Изгледајте пристојно

Сите знаеме дека работата од дома не значи облекување и средување како за во канцеларија, но сепак ако сте дел од видео состанок, не се појавувајте пред колегите разбушавени, во пижами или омилената тренерка за по дома. Напротив, средете се и изгледајте пристојно.

Фото: Pixabay