Борба против масовниот туризам – станува сè потешко да се изгради хотел во Амстердам

16

Властите на Амстердам, Холандија, повеќе нема лесно да дозволуваат изградба на нови хотелски објекти. Новата мерка е дел од кампањата против масовниот туризам.

Од управата на градот Амстердам посочуваат дека оваа одлука е донесена со цел градот да биде што попогоден за живот и за жителите и за посетителите.

„Сакаме да го направиме и да го одржиме градот погоден за живеење и за жителите и за посетителите. Тоа значи: нема прекумерен туризам, нема нови хотели и не повеќе од 20 милиони хотелски ноќевања од туристи годишно“, се вели во соопштението.

Како што пренесува Ројтерс, нов хотел во Амстердам може да се изгради само ако се затвори друг хотел, ако не се зголеми бројот на места за спиење и во случај ако новиот хотел понуди подобри услови. Ова правило не се однесува на новите хотели кои веќе добиле дозвола.

Градот веќе некое време активно се обидува да го ограничи бројот на туристи.

Бројот на луѓе кои го посетуваат Амстердам се зголемува за милиони годишно, главно поради таканаречениот секс туризам во округот Red Light, но и поради либералната политика на консумирање лесни дроги.