Борбата против инфлацијата во САД не е завршена

21

Се очекува претседателот на Федералните резерви Џером Пауел да зборува за последните чекори во кампањата на американската централна банка за скротување на инфлацијата.

Иако обраќањето можеби не ја содржи истата драма како во последните години, говорот на Пауел на годишниот состанок на глобалните централни банкари доаѓа кога креаторите на макроекономската политика влегуваат во она што тој ја нарече најтешка фаза од борбата против инфлацијата, пишува Блумберг.

До неодамна, патот беше јасен – продолжи да ги зголемува каматните стапки за да ја ставиш под контрола најбрзата инфлација во последните четири децении. Сега кога инфлацијата е забавена, се појавуваат несогласувања меѓу креаторите на политиките за тоа колку уште работа останува да се направи.

Пауел најверојатно ќе ја искористи својата платформа за да образложи како ФЕД ќе процени дали стапките треба да бидат повисоки и ќе одреди кога е време централната банка на САД да почне да ги намалува.

„Тој ќе предупреди за предвремено олеснување. Мислам дека тоа ќе биде темата“, изјави поранешниот потпретседател на ФЕД, Доналд Кон. „Всушност би било корисно за него да разјасни што подразбира под зависност од податоци, бидејќи тоа ја минимизира многу силната реакција на пазарот на секој поединечен податок“.

Пауел треба да зборува на годишниот симпозиум за економска политика. Во текот на денот ќе зборува и претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.

Собирот се случува кога креаторите на монетарната политика ширум светот продолжуваат да се соочуваат со повисоки стапки на инфлација од очекуваното и зголемени шанси за економски пад. Предизвикот во наредната година ќе биде балансирањето помеѓу ризичните опции, бидејќи од една страна има притисок врз цените, а од друга страна желбата да се избегне рецесија.